Унгарскиот премиер Виктор Орбан прогласи победа на денешните парламентарни избори, пренесува МИА.
Во својот говор, Орбан рече дека „изгледа прилично добро, можеби никогаш подобро“.
– Ова е голема победа. Освоивме толку многу што може да се види од Месечината, а секако и од Брисел – рече Орбан.
Според првичните резултати, владејачката партија Фидеш на премиерот Орбан има убедлива предност пред обединетата опозиција.
Резултати од 74,52 проценти од обработените избирачки места:
Фидеш: 54,45 проценти
Обединети за Унгарија: 33,72 отсто
Движење на нашата татковина: 6,40 отсто
Состав на Парламентот:
Фидеш: 135 пратеници
Обединети за Унгарија: 57 пратеници
Движење на нашата татковина: 7 пратеници
Во Будимпешта се гласаше во 3.154 избирачки места и 23 области, јави агенцијата МТИ.
Кандидат на опозицијата за премиер е Петер Марки-Зај, кој во моментов е градоначалник на Ходмезевашархел, град во јужна Унгарија.
Коалицијата Обединети за Унгарија, која обединува шест опозициски партии со широк политички спектар – од либералите, преку центарот, до десното крило, ги здружи силите за да ја собори десничарската Фидеш.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) испрати мисија за набљудување на изборите во Унгарија, вклучувајќи 18 долгорочни набљудувачи и 200 други на денот на изборите.