Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и оти подготовките за средба во Будимпешта помеѓу рускиот претседател и неговиот американски колега Доналд Трамп „продолжуваат со полна брзина“.
Орбан не наведе повеќе детали за телефонскиот разговор со Путин.
Кремљ соопшти дека Путин го информирал Орбан за неговиот разговор со американскиот претседател.
Претходно, Орбан изјави дека телефонски разговарал со Трамп.
– Унгарија ќе гарантира, дека Путин ќе може да влезе во земјата за средбата со Трамп и оти потоа ќе може да се врати дома – изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Меѓународниот кривичен суд има издадено налог за апсење на Путин, а Унгарија е во процес на повлекување од институцијата. Москва ги негира обвинувањата на Судот и го посочува налогот за апсење како доказ за непријателскиот став на Западот кон Русија.
– Ќе се погрижиме тој да влезе во Унгарија, да има успешни преговори тука, а потоа да си оди дома. Нема потреба од никакви консултации со никого, ние сме суверена земја тука. Ќе го пречекаме (Путин) со почит, ќе го угостиме и ќе му обезбедиме услови за преговори со американскиот претседател – наведе Сијарто.
Во вчерашниот телефонски разговор Трамп и Путин се согласија за состанок на високо ниво на нивните делегации, по што двајцата треба да се сретнат во Будимпешта.
– Претседателот Путин и јас ќе се сретнеме на договорена локација во Будимпешта за да видиме дали можеме да ја завршиме оваа неславна војна меѓу Русија и Украина – напиша Трамп на својот профил на „Трут соушл“ (Truth Social).
Односите на Унгарија и Украина изминатите месеци се тензични, бидејќи Орбан е против ЕУ да испраќа воена помош за Киев. Зеленски минатиот месец тврдеше дека унгарски беспилотни летала навлегле во украинскиот воздушен простор, на што Орбан одговори дека Украина не е независна суверена држава.
Унгарија, исто така, сè уште се потпира на руските резерви на гас и нафта, иако ЕУ се обидува да ги намали тие резерви до 2028 година, а Трамп ја повика Унијата да престане да увезува руска енергија.