Виктор Орбан - Фото: „Нова Македонија“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ја повика Европската унија да ги укине сите санкции за руските фосилни горива за да ги ублажи проблемите поради скокот на цените на нафтата и гасот предизвикан од војната на Блискиот Исток.

Орбан, кој важи за најблизок партнер на Москва во ЕУ, рече дека испратил писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откако „цените на нафтата почнаа експлозивно да растат“ , пренесува МИА.

Американско-израелската војна против Иран, која почна на 28 март, ги зафати местата кои се клучни за производство и транспорт на нафта и гас од Персискиот Залив, што доведе до скок на цените на глобалните пазари.

Во видео порака, која ја објави на социјалните мрежи, Орбан рече дека ЕУ „мора да ги преиспита и суспендира сите санкции за руската енергија низ Европа“. Тој додаде дека за денеска закажал вонредна владина седница за да процени како да се спречат натамошни скокови на цените на бензинот и дизелот во Унгарија.

Владата на Орбан долго време се противи на напорите на ЕУ да го намали увозот на руски енергенти и заедно со соседна Словачка ги одржува, па дури и ги зголемува резервите на руска нафта и гас откако Москва ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.

И Унгарија и Словачка добија привремено изземање од политиката на ЕУ со која се забранува увоз на руска нафта и до неодамна добиваа руска сурова нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој поминува низ Украина.

Сепак, испораките на нафта преку нафтоводот „Дружба“ се прекинати од 27 јануари, што доведе до ескалација на конфликтот меѓу Унгарија и Украина. Киев тврди дека испораката е прекината бидејќи инфраструктурата на нафтоводот е оштетена во руски напад со дрон, додека Орбан го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски дека намерно не испорачува руска нафта.

Поради тоа, Орбан во ЕУ стави вето на новата рунда санкции против Русија и блокира голем заем од 90 милијарди евра за Украина. Орбан наведува дека ќе го промени ставот кога испораките на нафта ќе бидат обновени.