Виктор Орбан (лево) и Шарл Мишел - Фото: ЕПА

ОБЈАВЕНО ПИСМОТО НА УНГАРСКИОТ ПРЕМИЕР АДРЕСИРАНО ДО ПРЕТСЕДАТЕЛOT НА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ, ШАРЛ МИШЕЛ

Писмото е резултат на неодамнешните посети на унгарскиот премиер на светските лидери, вклучувајќи ги кинескиот претседател Си Џинпинг, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како и рускиот претседател Владимир Путин, со кој европските лидери не оствариле контакт од почетокот на војната во Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му упати писмо на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кое ги пренесува од прва рака размислувањата на рускиот претседател Владимир Путин за состојбата на војната во Украина, како и неговите заклучоци за тоа кои, според него, би требало да бидат следните потези на Европската Унија. Писмото е резултат на неодамнешните посети на Орбан на светските лидери, вклучувајќи ги кинескиот претседател Си Џинпинг, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како и Путин, со кој европските лидери не оствариле контакт од почетокот на војната во Украина. Орбан во рамките на својата мировна турнеја ги посети и Пекинг и Киев.

Унгарија на почетокот на јуни го презеде ротирачкото претседавање со Европскиот совет и веднаш презеде чекори за решавање на конфликтот во Украина, како што истакна и Орбан, предизвикувајќи незадоволство во Брисел. Европските лидери го критикуваа Орбан за неговите напори да преговара за мировен договор меѓу Украина и Русија без консултации со другите членки на ЕУ, при што Унијата досега остро се противеше на какви било преговори со Русија. Орбан завчера го објави писмото со неговите заклучоци од средбите, упатено до Мишел, кое во продолжение го пренесуваме во целост. Р.С.


Почитуван претседателе,

Во продолжение пронајдете резиме од моите неодамнешни дискусии со лидерите на Украина, Русија, Кина, Турција и претседателот Доналд Трамп, како и неколку предлози за ваше разгледување.

1. Општа опсервација е дека интензитетот на воениот конфликт радикално ќе ескалира во блиска иднина.

2. Јас лично бев сведок дека завојуваните страни се решени да се вклучат подлабоко во конфликтот и ниту една од нив не би сакала да поттикнува иницијативи за прекин на огнот или мировни преговори. Затоа можеме да претпоставиме дека тензиите нема да се намалат и страните нема да почнат да бараат излез од конфликтот без значителен надворешен ангажман.

3. Постојат три глобални играчи што можат да влијаат на развојот на настаните: Европската Унија, САД и Кина. Исто така, треба да ја земеме предвид Турција како важен регионален играч и единствен успешен посредник помеѓу Украина и Русија од избувнувањето на непријателствата во 2022 година.
4. Кина ќе продолжи со својата политика формулирана во меѓународните документи, кои повикуваат на прекин на огнот и мировни преговори. Сепак, Кина ќе игра поактивна улога само доколку шансата за успех на нејзиниот ангажман е блиску до сигурна. Според нивната оцена, тоа не е случај во моментов.

5. Што се однесува до Соединетите Американски Држави, на самитот на НАТО и за време на моите разговори со претседателот Трамп, искусив дека САД во моментов се силно преокупирани со претседателската кампања. Актуелниот претседател вложува огромни напори да остане во трката. Очигледно е дека тој не е способен да ја измени актуелната провоена политика на САД и затоа не може да се очекува да почне нова политика. Како што многупати сме сведоци во изминатите години, во овие ситуации бирократијата без политичко лидерство ќе продолжи да оди по стариот пат.

6. За време на моите разговори со претседателот Трамп, дојдов до заклучок дека надворешната политика ќе има само мала улога во неговата кампања, во која доминираат внатрешни политички прашања. Затоа, од него не можеме да очекуваме никаква мировна иницијатива до изборите. Сепак, можам со сигурност да кажам дека набргу по неговата изборна победа, тој нема да чека до неговата инаугурација, туку ќе биде подготвен веднаш да дејствува како посредник за мир. За ова има детални и основани планови.

7. Повеќе од убеден сум дека во случај на веројатната победата на претседателот Трамп, односот на финансискиот товар помеѓу САД и ЕУ значително ќе се промени на штета на ЕУ, кога станува збор за финансиската поддршка на Украина.

8. Нашата европска стратегија во име на трансатлантското единство ја ископира провоената политика на САД. Досега немавме суверена и независна европска стратегија или политички акциски план. Предлагам да се разговара за тоа дали продолжувањето на оваа политика е рационално во иднина. Во сегашната ситуација можеме да најдеме пригода со силна морална и рационална основа да почнеме ново поглавје во нашата политика. Во ова ново поглавје би можеле да се потрудиме да ги намалиме тензиите и/или да создадеме услови за привремен прекин на огнот и/или да започнеме мировни преговори.

9. Предлагам да се започне дискусија за следните предлози:
а. иницијативата за спроведување политички разговори на високо ниво со Кина за модалитетите на следната мировна конференција;
б. додека ги одржуваме сегашните политички контакти на високо ниво со Украина, повторно отворање директни линии на дипломатска комуникација со Русија и рехабилитација на таквите директни контакти во нашата политичка комуникација;
в. започнување координирана политичка офанзива кон глобалниот југ, чие почитување го изгубивме со оглед на нашата позиција за војната во Украина, што резултира со глобална изолација на трансатлантската заедница.

10. Се надевам дека моите извештаи и предлози може да се покажат како корисен придонес за можните предлози и иницијативи што ќе ги презентирате пред лидерите на ЕУ во соодветна пригода и во соодветен формат.

Со почит,
Виктор Орбан
Будимпешта, 12 јули 2024 година