Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека, според јавните проценки, на Украина ѝ се потребни 400 милијарди американски долари за да ја продолжи војната со Русија во следните четири години и дека се очекува Европската Унија да ја плати сметката, но истакна дека „не е работа на Унгарија да ја финансира Украина“, иако неговата земја е членка на ЕУ.
Орбан рече дека, освен ЕУ, нема никој друг кој е подготвен да ја плати сметката, пренесе МТИ.
– Затоа Брисел е толку вознемирен. Затоа сакаат да запленат замрзнати руски средства, да го ревидираат системот за финансирање на ЕУ и да земат нови заеми. Ние го отфрламе тоа. Не е работа на Унгарија да ја финансира Украина. Немаме причина за тоа, ниту политички, ниту економски, ниту морално. Не сме сами во Европа, но зборуваме најотворено. Затоа Брисел постојано нè напаѓа – рече Орбан.
Тој рече, користејќи германски израз, дека ЕУ сака „јавол (jawohl) влада“, односно влада која само ќе кажува „разбирам“.
– Тие сакаат „јавол влада“, со Канцеларија на европскиот јавен обвинител, економска политика што е во согласност со ЕУ, експерти одобрени од Брисел и премиер што можат да го контролираат – рече Орбан.
Унгарскиот премиер најави дека неговата влада во следните четири години ќе ги поддржува унгарските семејства, бизниси и пензионери, во чии рамки ќе се воведе ослободување од данок за мајките со две или три деца, а ќе се врати 14-тата пензија.
– Не можеме да дозволиме унгарски пари да се испраќаат во Украина – заклучи Орбан.































