Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската Унија „се дави во корупција“, коментирајќи ја истрагата за наводни злоупотреби во проект финансиран од ЕУ за обука на млади дипломати.
– ЕУ се дави во корупција. Комесарите се соочуваат со сериозни обвиненија, Комисијата и Парламентот се опфатени со скандали, а Брисел и понатаму држи лекции по морал – напиша Орбан на социјалната мрежа Икс.
Неговата реакција следува откако белгиската федерална полиција во вторникот, на барање на Европското јавно обвинителство (ЕППО), ги приведе поранешната шефица на европската дипломатија Федерика Могерини, висок член на Колеџот на Европа во Бриж, и висок функционер на Европската комисија.
ЕППО соопшти дека истрагата се однесува на тоа дали доверливи критериуми за избор на учесници во ЕУ Дипломатската академија – деветмесечна програма за млади дипломати доделена на Колеџот во периодот 2021–2022 – биле незаконски споделувани пред објавата на тендерот.
Орбан напиша и дека „корупцијата во Украина треба да биде јавно посочена од ЕУ, но повторно се повторува истата приказна – Брисел и Киев се штитат меѓусебно наместо да се соочат со вистината“.
Минатиот месец украинските антикорупциски институции открија масовна корупциска шема во енергетскиот сектор, со злоупотреби од најмалку 100 милиони долари, особено поврзани со државната компанија Енергоатом, што доведе до серија оставки, меѓу кои и на министерот за енергија и на шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.
Сузбивањето на корупцијата е клучно за напредокот на Украина кон членство во ЕУ, која во јуни 2024 официјално ги отвори пристапните преговори со Киев.



































