Фото: Пекселс

Високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Тирк денеска изјави дека политичката транзиција во Сирија мора да осигура одговорност за прекршителите на човековите права.

– Треба да внимаваме одговорните за прекршувањата, без разлика дали станува збор за претходната власт, претседателот или други, да положат сметка. Ова ќе биде клучен елемент на транзицијата – изјави Тирк на прес-конференција во Женева.

Тој нагласи дека е неопходно да се преземат мерки за заштита на малцинствата и спречување на одмазднички дејствија. Исто така, истакна дека доказите треба внимателно да се чуваат за идни процеси.

Тирк ги повика сириските власти на реформи во безбедносниот апарат и акцентира дека транзицијата треба да обезбеди разговор за трагедијата со исчезнатите лица. – Единствениот пат напред е преку национален политички процес што ќе ги реши страдањата, ќе одговори на аспирациите на сите Сиријци и ќе гарантира вистина, правда, обнова, заздравување и помирување, рече тој.

Комесарот посочи дека е неопходно човековите права на сите Сиријци да бидат во центарот на таквиот процес, благодарение на инклузивното учество на жените и младите.

Тој рече дека неговите служби се подготвени да го поддржат процесот на транзиција.