Генералното собрание на Обединетите нации денеска одобри резолуција со која се осудува секое негирање на холокаустот и се повикуваат сите нации и компании на социјалните мрежи да преземат активни мерки во борбата против антисемитизмот.
Резолуцијата беше одобрена со консензус, без гласање, пренесе АП.
Амбасадорите на Израел и Германија, кои силно ја поддржаа резолуцијата, ја истакнаа важноста од усвојување на резолуцијата.
– Живееме во ера во која фикцијата станува факт, а холокаустот станува далечно сеќавање – рече израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан пред Собранието, повикувајќи на поддршка за резолуцијата.
Амбасадорот Ердан, внук на преживеаните од холокаустот, рече дека резолуцијата е обврска да се осигура дека искривувањата и негирањата на холокаустот повеќе нема да се толерираат.
Тој посочи дека платформите на социјалните медиуми, како што се Фејсбук, Твитер и Јутјуб, шират пандемија на искривувања и лаги за холокаустот.
Во резолуцијата се нагласува дека сеќавањето е клучна компонента за спречување на понатамошни акти на геноцид.