САД

Во светот изминативе неколку дена беа откажани повеќе од 4.000 лета, од кои повеќе од половина во САД, поради неповолните временски услови, но и поради зголемувањето на бројот на заразени со омикрон-сојот на коронавирусот. Според последните податоци на глобалните страници за следење летови, изминатиот викенд биле откажани повеќе од 2.400 лета од и кон САД, а повеќе од 11.200 лета се одложени до натамошно известување.
Меѓу авиокомпаниите што имаа најмногу откажани летови се „Скај вест“, со дури 510, и „Саутвест“, со 419 лета.

Божиќните и новогодишните празници се периоди со најмногу патувања, но брзото ширење на високопреносливиот сој на омикрон доведе до нагло зголемување на заразата, принудувајќи ги авиокомпаниите да ги откажат летовите, пред сѐ, поради недостиг од екипаж бидејќи голем број пилоти и членови на екипажот беа во изолација. Транспортните агенции низ САД исто така го суспендираа или го намалија обемот на бизнисот поради недостиг од персонал, бидејќи е потврдено дека голем број вработени се заразени со коронавирусот. Инаку, во изминатото деноноќие, надлежните здравствени американски служби регистрирале дури 346.869 новозаразени лица.

Подготвил: Дејан Србиновски