Фото: ЕПА

Трета конференција на Обединетите нации за океаните (УНОК) во Ница, Франција

Глобално затоплување, кисел атмосферски талог и зголемување на пеха-вредноста на океанските води, прекумерен риболов, загадување…, морската средина страда од голем број зла. Од 9 до 13 јуни, околу шеесет шефа на држави, меѓу кои и претседателката на Македонија, се состануваат за да се обидат да ја спречат деградацијата на овој гигантски екосистем неопходен за животот на Земјата

Тони Гламчевски,
наш постојан дописник од Франција

Ница на Азурниот Брег, 56-те шефа на држави или влади, од 9 до 13 јуни, по повод третата конференција на Обединетите нации за океаните (УНОК), ќе треба да најдат пат за подобро да го заштитат течното срце на Сината Планета?
– Тоа е борбен самит, со земји што веруваат во тоа, кои сакаат да се вклучат, самит што им овозможува на островските земји да го искажат својот глас и кој вклучува научници – резимира Оливие Поавр д’Арвор, специјалниот претставник на Емануел Макрон за оваа конференција.
– Океан без правила е планета без иднина – вели тој.
Третата конференција на Обединетите нации за океаните (УНОК) започнува со констатацијата: Океанот страда! Тој е погоден од глобалното затоплување, кое ги закиселува морињата и ги нарушува екосистемите. Неговиот биодиверзитет е деградиран од загадувањето од копно, при што пластиката, антибиотиците и фитосанитарни производи секогаш завршуваат во океанот. Тој е под притисок од риболовот, и легален и нелегален. Исто така е загрозен од амбициите на големите сили, кои сакаат и понатаму непречено да го експлоатираат морското дно. Собрани од 3 до 6 јуни на конгресот за наука „Еден океан“, научници од целиот свет уште еднаш ги предупредија државите.
– Екосистемите не функционираат правилно; гледаме како популациите или експлодираат или одеднаш исчезнуваат – забележува во париски „Ле монд“ Дидие Гаскел, специјалист за морска биологија.
– Сите индикатори се влошуваат – наведува Марина Леви, советничка за океани на претседателот на Францускиот институт за истражување и развој.
Оваа ситуација особено е опасна за крајбрежните популации, но претставува и предизвик за целото човештво. Морето, како апсорбер на јаглерод, кој апсорбира од 25 отсто до 30 отсто од ЦО2 што го испуштаат човечките активности, игра „централна улога во регулирањето на климата“, потсети Антоан Петит, претседател и извршен директор на ЦНРС (Националниот центар за научни испитувања), на конгресот за наука „Еден океан“. Рибите, школките и раковите, од своја страна, обезбедуваат „егзистенција на повеќе од три милијарди луѓе“. Испреплетени со товарни бродови, океаните се транзитни патишта за 80 отсто од светските стоки. Само поморската економија претставува еквивалент на петтата најголема економија во светот, истакна Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во извештај објавен претходно оваа година.

Француската дипломатија е воодушевена од мобилизацијата на меѓународната заедница во врска со УНОК

Како и сите големи самити на климатската и еколошката дипломатија, УНОК би требало да претставува клучна и нова пресвртница. Додека само 24 шефа на држави присуствуваа на второто издание на конференцијата за океаните во Лисабон во 2022 година, француската дипломатија е воодушевена од мобилизацијата на меѓународната заедница. Регистрирани се 12.000 делегати, а 2.300 научници ќе бидат присутни во Ница.
– Такво ниво на политичко учество на највисоко ниво никогаш не е постигнато по ова прашање – изјави Елисејската палата.

Во Ница на УНОК, првиот предизвик за дипломатите ќе биде да го постават ова прашање во преден план во светот растргнат од геополитички тензии и две големи кризи, во Украина и Газа. Претставени се важни земји. Се очекува кинескиот потпретседател Хан Женг да присуствува со делегација од 150 члена. Ќе присуствува и бразилскиот претседател Лула, исто така, неколку месеци пред 30-та Конференција на страните за клима (КОП30) во Белем. Но се жали за отсуството на Соединетите Американски Држави. До последен момент, француската дипломатија се обидуваше да донесе американска делегација.
– Жалам што некои шефови на држави одлучуваат да ја игнорираат науката, па дури и да ги поништат научните студии и предупредувања за да најдат изговор да не дејствуваат – се пожали министерката за еколошка транзиција Ањес Пание-Рунашер, за време на посетата на Ница пред почетокот на конференцијата. Ница е прв важен тест за новата американска администрација и каков став ќе заземе претседателот на САД, кој се повлече од Парискиот договор за климатските промени.

Се очекува Емануел Макрон да испрати пораки до светот од Ница. За време на настанот „СОС океан“, организиран во март како преамбула на самитот во Ница, како што потсетуваат француските медиуми, тој имплицитно ги критикуваше Доналд Трамп и Илон Маск, повторувајќи дека не постои „планета Б“ и дека мора да ја зачуваме Земјата наместо да се стремиме да одиме на Марс. Францускиот претседател, кого Елисејската палата го опишува како „лидер на океаните што секојпат кога ќе види човечко суштество го прашува: „Како ќе се справите со вашиот океан?“, се надева дека ќе обедини групи земји околу Договорот за зачувување и одржливо користење на морскиот биодиверзитет во меѓународни води (БРНJ, за „Биодиверзитет надвор од националната јурисдикција“) или развојот на морските заштитени подрачја.
– Постои конвергентна визија (…) меѓу многу земји за заедничко управување со овие проблеми и градење коалиции за податоци за адаптација и климатски податоци. Ова се прашања што се разгледуваат во УНОК и ќе бидат разгледани во Белем – официјално изјавија од Елисејската палата.


УНОК е многу различен од КОП (Конференцијата за биодиверзитет)

Пет дена, целта на делегациите нема да биде постигнување тешко склучен договор.
– Ова е време да се направи преглед и да се обидеме да забрзаме – нагласува во „Ле монд“ Жулиен Рошет, директор на океанската програма во Институтот за одржлив развој и меѓународни односи (ИДДРИ). Со месеци, француската дипломатска мрежа беше фокусирана првенствено на обезбедување на шеесетте ратификации потребни за стапување во сила на договорот БРНЈ, попознат во Франција како Договор за отворено море. Овој текст, кој особено ќе го регулира создавањето морски заштитени подрачја во меѓународни води, беше усвоен само пред две години по повеќе години преговори. Елисејската палата е задоволна што „го врати од прашина во 2022 година“, според зборовите на Поавр д’Арвор. Многу е малку веројатно дека 60-те ратификации ќе бидат постигнати за време на самитот, како што се надеваше Емануел Макрон. Но се очекуваат од 45 до 50. Француската дипломатија сега се надева дека ќе го достигне овој праг до крајот на годината, што е првиот чекор кон организирање на КОП посветена на отвореното море.

Се очекуваат и голем број доброволни обврски од државите, особено по прашањето на морските заштитени подрачја во ексклузивните економски зони (ЕЕЗ). На конференцијата за биодиверзитет КОП15 во Монтреал во 2022 година, меѓународната заедница постави цел за заштита на 30 отсто од океанот до 2030 година. Француските претставници се надеваат дека најавите од Ница ќе ја зголемат оваа цел од околу 8 отсто на 12 или 13 отсто.
– Мораме да се фокусираме и на квалитетот на овие морски заштитени подрачја – забележува Јоаким Клоде, советник за океани во ЦНРС, бидејќи тие имаат многу различни нивоа на регулација, кои честопати се сметаат за недоволни. Со месеци, во Франција, здруженијата ги зголемуваат своите напори и активности за забрана на риболовот со пониско дно од сите овие области каде што сè уште е дозволен. На 21 мај, „Гринпис“ постави неколку блока варовник на дното на морскиот парк Залив Лион, кој се наоѓа покрај брегот на Од и Ориенталните Пиринеи, „за да се спречи риболовот до самото дно таму“. Оваа акција беше осудена од Министерството за еколошка транзиција. На бродот на невладината организација му беше забрането и приближување до пристаништето во Ница. Рибарите, од своја страна, се плашеа од забрана за риболов до дното и од нејзините последици.

Експлицитна заштита и на морското (океанското) дно!

По првиот говор на Емануел Макрон во регионалниот печат во саботата навечер, а потоа и на министерот за еколошка транзиција во француските медиуми во неделата, 8 јуни, беше издвоено дека риболовот до дното, како и „сите човечки активности со значително влијание врз морското дно“, ќе бидат забранети во одредени области, кои „ќе претставуваат 4 отсто од француските води, во споредба со 0,1 отсто денес“. Ова ветување беше оценето како разочарувачко од неколку портпароли на еколошките организации. Тие ќе ги испитуваат преостанатите најави.
– Ни требаат конкретни ветувања – инсистираше француско-канадскиот биолог Даниел Поли. Невладините организации и истражувачите се загрижени за недостигот од следење по самитот.
– Можеме да се обврземе на што сакаме, но нема одговорност зад тоа – предупредува Клоде, кој е загрижен дека „ќе продолжиме да го ветуваме она што не сме го исполниле од претходната конференција“.

Друго чувствително прашање е заштитата на длабокото морско дно. На крајот на април, претседателот на САД потпиша извршна наредба со која се забрзуваат дозволите за истражување и комерцијална експлоатација во меѓународни води, прекршувајќи го секој мултилатерализам. Регулирањето на овие области, кои не ѝ припаѓаат на ниедна држава, е одговорност на Меѓународната управа за морско дно (ИСА), организација со седиште во Јамајка, каде што државите ги изготвуваат контурите на идниот кодекс за рударство. Следните преговори во ИСА ќе започнат за помалку од еден месец, на 7 јули. Во Ница, новите држави би можеле да одлучат да се приклучат на коалицијата од околу триесет земји, кои се залагаат за мораториум за експлоатација на морското дно, „претпазлива пауза“ или дури и забрана – француската позиција од 2022 година. Ањес Пание-Рунашер, исто така, им пиша на своите европски колеги „за да ги мобилизира по ова прашање“, во согласност со шефот на државата, кој има намера да го искористи УНОК „за повторно мобилизирање на меѓународната заедница“.

Нацрт-политичката декларација за самитот веќе е оценета како премногу слаба од страна на еколошките организации.
– Она што го сметаме за недоволно е особено делот за рударство на морското дно, бидејќи би сакале да вклучува некаков вид претпазлива пауза – тврди Меган Рендлс, шефица на делегацијата на „Гринпис“. Друг пример: Државите се повикуваат да „размислат за потпишување и ратификување“ на Договорот за отворено море, формулација што Пјер Канет, директор за јавна политика во организацијата „КлиенЕрт“, ја смета за срамежлива. Истражувачите, исто така, изразуваат извесно жалење.
– Има многу информации за еколошката состојба на океанот, за економијата, но ништо за општествената димензија – се жали Клоде пред новинарите.

Иако дипломатските преговори и државните најави сè уште изгледаат кревки, неколку научни проекти се на добар пат. Така, Ница служи како појдовна точка за Меѓународната платформа за одржливост на океаните (ИПОС), дизајнирана да го поддржи донесувањето одлуки од страна на државите. На пример, би можела да овозможи пренесување „решенија засновани на состојбата на знаењето“, објаснува Франсоаз Геј, која е ководачка на иницијативата. Друг проект: барометарот „Морска ѕвезда“, откриен на 8 јуни.
– Ова е првиот глобален билтен за здравјето на океаните, кој ќе обезбеди преглед од една година до друга – вели океанографката Марина Леви, која е кодиректорка на првото издание. Овие иницијативи, уште еднаш, ќе им обезбедат увид на шефовите на држави за време на КОП1 за отворено море, која би можела да се одржи на крајот од 2026 година.

Се очекува конференцијата во Ница да биде и место на дискусии за други претстојни проекти, особено за идниот договор што има цел да стави крај на загадувањето со пластика. Преговорна сесија за овој текст е закажана за август во Женева. Т.Г.


Македонија е континентална земја, но водните богатства ѝ се загрозени

Македонија не излегува на море/океан, но нејзините води се влеваат во околните мориња. Ние можеби сѐ уште не сме го сфатиле значењето на нашите води, не постапуваме со нив соодветно, економично и со длабока почит за да ги зачуваме, како површинските така и подземните, изложени на прекумерна експлоатација и загадувања… Ова се случува во моментот кога еден од нашите бисери, Преспанско Езеро, се празни, а Дојранско го полниме со подземни води од наша страна, додека од другата страна на езерото водата се користи за наводнување… Т.Г.