Од вторникот наутро, кога започна невремето „Даниел“, до утрово, противпожарната служба на Грција примила 4.870 повици за помош во погодените региони, на безбедни локации биле пренесени над 800 лица, а обилните дождови и поплавите предизвикаа огромни катастрофи во централниот дел на земјата, додека невремето и проблемите продолжуваат и денеска, јави дописничката на МИА од Атина.
Најпогодени се градовите Волос, Кардица, Трикала и Пилио, каде што три лица веќе ги загубија животите и неколку се исчезнати, а според локалното население, штетите се огромни.
Во некои од градовите и селата, жителите се спасуваа со помош на булдожери и чамци.
Синоќа беше затворен голем дел од автопатот Солун- Атина во делот меѓу градовите Ламиа и Катерина, додека пак утрово сообраќајот е нормализиран, а во прекин е и железничкиот сообраќај.
Невремето Даниел не ја заобиколи ниту Атина, каде што вчера беа поплавени улици и метро станици, а затворени беа неколку булевари.
Синоќа, преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите на грчката метропола да ги ограничат нивните движења.
Според противпожарната служба на Грција од вторникот во 7 часот наутро, заклучно со денеска во исто време, во пет региони, примиле 4.870 повици, главно за испумпување вода, сечење дрвја и пренесување луѓе на безбедни места.
Вкупно 818 лица биле префрлени на безбедни локации, од кои над 700 се во областа Магнисиа поширокиот регион на градот Волос.