Најавите за можни мировни преговори доаѓаат од украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, како и од украинскиот претседател Володимир Зеленски. Актуелната ситуација, според светските медиуми, е дека „е забележан напредок на руските трупи на фронтот, како и дека поддршката од Западот е неизвесна во иднина“, што ја става Украина во незгодна положба
Сѐ погласни најавите за мировни преговори за воениот конфликт во Украина
Можноста за завршување на воениот конфликт во Украина по дипломатски пат се навестува со наглата промена на реториката на властите во Киев, кои јавно истакнаа подготвеност за преговори со Русија. Ваквите најави доаѓаат од украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, како и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, во ситуација кога стигнуваат информации за забележан напредок на руските трупи на фронтот, како и дека поддршката од Западот е неизвесна во иднина, што ја става Украина во незгодна положба. Според светските реномирани медиуми, и источни и западни, „на фронтот ситуацијата е таква што, иако руската армија не бележи значителен напредок, нејзиниот притисок и акции постојано ги принудуваат украинските сили да се повлечат, да се прегрупираат и да дејствуваат дефанзивно“. Во такви услови нема голема можност Украина да организира контраофанзива. Ако на тоа се додаде бавната испорака на западно оружје во Украина, ситуацијата станува уште потешка.
Зеленски и Кулеба изразија подготвеност да преговараат со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за британски Би-би-си напомена дека „огнената“ фаза на војната може да заврши пред крајот на годинава и оти не може да се врати целата територија на Украина со воени средства. Понатаму, Зеленски рече дека војната ќе заврши дипломатски, а не воено. Тој, исто така, се залагаше за преговори со Русија во рамките на мировен самит.
– Ако е подготвен план на вториот мировен самит, ако Русија е подготвена да разговара за тој план и да се договори за крај на војната, тогаш ќе бидеме подготвени да разговараме со претставниците на Руската Федерација, а не е важно дали тоа е Путин или не – категоричен е Зеленски.
Треба да се истакне дека промената во неговиот став е уште позначителна ако се земе предвид дека тој самиот ги забрани преговорите со рускиот претседател Владимир Путин со сопствен указ, кој сѐ уште е во сила. А до неодамна, украинскиот лидер беше цврст и на својот став дека нема да има преговори со Кремљ додека Русија не ги повлече своите трупи од Украина.
Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба исто така порача дека Украина е подготвена за преговори со Русија за време на посета на Кина.
– Кулеба за време на средбата со неговиот кинески колега Ванг Ји го повторил ставот на Украина дека е подготвена да преговара со руската страна, но само кога Русија ќе биде подготвена да преговара со добра волја – соопшти украинското МНР, додавајќи дека руската страна моментно не е подготвена да го направи тоа.
Кина исто така истакна дека воениот конфликт во Украина треба да се решава на преговарачка маса.
– Ванг Ји нагласи дека кризата во Украина влезе во третата година, дека конфликтот продолжува и постои ризик од ескалација и прелевање. Кина оценува дека решението на сите конфликти мора на крајот да помине на преговарачка маса – соопшти портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, наведувајќи дека министрите „размениле мислења за конфликтот“ за време на нивната средба.
Неизвесната поддршка од Западот влијае врз ставовите на Киев
Поранешниот американски амбасадор во Украина, Џон Хрбст, смета дека промената на тонот на украинскиот претседател дошла поради најавата на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, дека во случај на победа, неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс ќе биде остар критичар на поддршката за Украина. Многумина се сеќаваат на говорот на Венс од април годинава, во кој тој опширно ја коментираше војната во Украина. Во тоа време, Венс рече дека Украина не може да ја победи Русија, ја отфрли способноста на Руската Федерација да го нападне НАТО и го критикуваше претседателот Бајден што не дозволил Киев и Москва да постигнат договор во Истанбул во април 2022 година. Токму затоа, можно е Зеленски, преку изразената подготвеност за преговори, да се обидува да допре до идната администрација на Трамп.
Фактот дека на Западот, дури и меѓу оние што ѝ даваат најголема поддршка на Украина, нема убеденост оти Украина ќе излезе од војната без територијални загуби, ја турка Украина во потрага по алтернативни решенија. Освен тоа, речиси целата западна јавна и политичка сцена, како што може да се прочита преку изјавите на повеќемина функционери, се чини дека се подготвува за промена на американската администрација, за која се верува дека ќе биде помалку расположена воено да ѝ помага на Украина.
Сето тоа главно произлегува од изјавите на Доналд Трамп, но и од тешкотиите за изгласување воена помош за Украина, неодамна во Конгресот. Ако ситуацијата се согледа долгорочно, јасно е, барем според досегашните изјави, дека Трамп има поинаков став од сегашната администрација на американскиот претседател Џо Бајден. Р.С.
Се премисли и Борис Џонсон, а неговиот став ги налути Украинците
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон, кој стана синоним за неуспешни преговори и „главен виновник“ за продолжувањето на војната во Украина по разговорите во Истанбул, деновиве се премисли. Тој ја повика Украина да се откаже од целта за враќање на границите од 1991 година и да склучи мировен договор со Русија.
Исто така, Џонсон дава предлог за враќање на билансот на линијата пред 24 февруари 2022 година. Понатаму, тој смета дека Украина треба да биде примена во ЕУ и НАТО, го охрабрува снабдувањето со оружје на Украина и отстранувањето на сите ограничувања за неговата употреба. Од друга страна, на Русија би ѝ биле гарантирани правата на украинските граѓани што зборуваат руски јазик и обнова на односите со Западот. Во исто време, поранешниот британски премиер не ја споменува промената на власта во Русија или компензацијата на Украина како услов за обновување на односите.
Настрана условите на Џонсон, неговиот план беше критикуван во Украина, а критиките се слушаа главно од редовите на партијата на поранешниот украински претседател Петро Порошенко. Сè на сè, условите за Украина веројатно ќе бидат многу построги од она што го предлага Џонсон.
Песков: Позицијата на Украина е во согласност со ставот на Кремљ
Изјавата на украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба за подготвеноста на Киев за разговори со Москва е во согласност со ставот на Кремљ, изјави Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, Владимир Путин, додавајќи дека, сепак, потребни се дополнителни појаснувања.
– Сите дознавме од извештаите од Пекинг дека Кулеба дал таква изјава на средбата со Ванг Ји. Може да се каже дека самата порака е во согласност со нашиот став. Знаете, Русија никогаш не одбила разговори, таа останува отворена. Сепак, деталите се важни за преговарачкиот процес. Сè уште не ги знаеме, па да почекаме некои појаснувања, кои очигледно ќе следуваат – изјави портпаролот на Кремљ.