Според прогнозата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), објавена денеска, глобалниот економски раст од 3,2 проценти оваа година во 2026 година ќе забави и ќе изнесува 2,9 отсто поради царините, послабата трговија и геополитичка неизвесност, а мало закрепнување до 3,1 процент се очекува во 2027 година.
– Светската економија се покажа како поотпорна оваа година отколку што се очекуваше, поддржана од подобрените финансиски услови, растечките инвестиции и трговијата поврзана со вештачката интелигенција, како и макроекономските политики, но основните слабости се зголемуваат – се наведува во соопштението на ОЕЦД.
Во извештајот се посочува и дека пазарите на трудот ги покажуваат првите знаци на слабеење, а бројот на слободни работни места во многу земји падна под просекот од 2019 година.
Растот на глобалната трговија забави во вториот квартал од 2025 година, а ОЕЦД предупредува дека повисоките царински трошоци постепено ќе ги зголемат цените и ќе извршат притисок врз потрошувачката и инвестициите.
Според прогнозата на ОЕЦД, во САД се очекува растот да забави на два проценти во 2025 година и на 1,7 отсто во 2026 година, по што ќе следи закрепнување на раст од 1,9 проценти во 2027 година.
Годинава Кина е на добар пат да забележи раст од околу пет проценти, но растот би можел да ослабне на 4,3 или 4,4 проценти во периодот 2026-27 година поради слабата потрошувачка и континуираните проблеми во секторот за недвижности во земјата.
Во Еврозоната, проекциите предвидуваат умерен раст од околу 1,3 проценти во 2025 година, потоа мало забавување на 1,2 отсто во 2026 година, со закрепнување на 1,4 проценти во 2027 година и подобрување на домашната побарувачка.
За Велика Британија, се очекува раст од 1,4 проценти во 2025 година, забавување на 1,2 отсто во 2026 година, со мало закрепнување на 1,3 проценти во 2027 година, делумно поради мерките за буџетска консолидација.
ОЕЦД предупредува на бројни ризици и наведува дека дополнителните трговски бариери би можеле сериозно да ги нарушат синџирите на снабдување.
Дополнително, фискалните слабости можат да ги зголемат долгорочните приноси и да ги влошат финансиските услови, додека пазарите истовремено се загрозени од остра корекција на вредностите на акциите.
ОЕЦД апелира за посилен меѓународен дијалог за намалување на трговските тензии и заштита на придобивките од отворените пазари.



































