Израел и Хамас постигнаа договор
Израелскиот кабинет го одобри договорот за заложници со Хамас по повеќе од шест недели интензивни борби во Газа.
– Владата на Израел е должна да ги врати дома сите заложници. Владата го одобри нацртот на првата фаза од постигнувањето на оваа цел, според која најмалку 50 заложници – жени и деца – ќе бидат ослободени во текот на четири дена, при што ќе има пауза во борбите. Ослободувањето на секои дополнителни 10 заложници ќе резултира со по уште еден ден пауза. Владата на Израел, ИДФ (израелската армија) и безбедносните служби ќе ја продолжат војната со цел да ги вратат дома сите заложници, да ја завршат елиминацијата на Хамас и да обезбедат дека нема да има нова закана за државата Израел од Газа – се вели во изјавата од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелското Министерство за правда објави список со 300 палестински затвореници кои би можеле да бидат ослободени согласно договорот со Хамас.
Повеќето се на возраст од 17 или 18 години, во рамки на старосна граница од 14 до 59 години. Најголемиот дел од приведените – 274 од 300, се мажи.
Наведени се и прекршоците на приведените. Тие вклучуваат „обид за убиство, фрлање бомба, создавање експлозив или запалив предмет, фрлање камења, контакт со непријателска организација, тешки телесни повреди и палење на националистичка основа“.
Според договорот, во првата фаза се очекува да бидат ослободени само 150 затвореници.
Катар, кој посредуваше во договорот меѓу Израел и Хамас, претходно соопшти дека „број на палестински жени и деца приведени во израелските затвори“ ќе бидат ослободени во замена за 50 заложници.
Претставничка на Хјуман рајтс воч вчера за „Би-би-си“ изјави дека има речиси 7.000 Палестинци во израелски притвор, вклучувајќи 200 жени и околу 60 деца.
Некои од децата биле приведени за „релативно помали прекршоци како фрлање камења“, изјави програмската директорка на ХРВ Сари Баши за програмата „Њузаур“.
Таа додаде дека палестинските деца подлежат на воениот закон, според кој се случило да „се апсат среде ноќ (…) да се испрашуваат без нивните родители или адвокат, и да се држат долги временски периоди за релативно помали прекршоци“.
Движењето Хамас утрово соопшти дека постигнало договор со Израел за четиридневен хуманитарен прекин на огнот „по концентрираните напори за посредување на Катар и Египет“. Соопштението на Хамас го објави Палестинскиот информативен центар, кој ги пренесува официјалните изјави на движењето.
– Врз основа на нашата одговорност кон нашиот долго-страдачки и непоколеблив палестински народ и нашиот неуморен напор да ја зајакнеме непоколебливоста на нашиот херојски народ во нашата горда Газа, да му помогнеме и да му ги залечиме раните … и по тешките и сложени преговори неколку дена, објавуваме – со помош и благослов од Семоќниот Алах – дека постигнавме хуманитарен договор за примирје (привремен прекин на огнот) за период од четири дена, благодарение на упорните и ценети напори на Катар и Египет – се вели во соопштението.
Во соопштението, кое Хамас го објавил на својот канал на Телеграм, движењето откри неколку одредби од договорот меѓу кои се прекин на огнот од двете страни, на стотици камиони со хуманитарна помош кои носат хуманитарни, медицински и резерви на гориво ќе им биде дозволено да влезат во сите области на Појасот Газа, без исклучок, на север и на југ, прекин на целиот воздушен сообраќај во јужна газа за време на тие четири дена по шест часа секој ден од 10 до 16 часот.
– Ослободување на 50 цивили жени и деца (помлади од 19 години) кои моментално се држат во Појасот Газа во замена за ослободување на 150 палестински жени и деца (на возраст под 19 години) од израелските затвори според времето што го поминале во затвор … За време на периодот на прекин на огнот, Израел се обврзува дека нема да таргетира или апси никого во сите области на Појасот Газа. Загарантирано е слободно движење на луѓето од север кон југ по улицата Салахудин – се вели во соопштението на Хамас.
Израел објави список на 300 Палестинци кои би можеле да бидат ослободени според договорот со Хамас. Списокот, објавен на веб-страницата на израелското Министерство за правда, ги вклучува имињата, возраста и прекршоците на оние кои ги исполнуваат условите.
Катар, кој беше посредник во постигнувањето на договорот меѓу Израел и Хамас, соопшти дека „почетокот на паузата ќе биде објавен во следните 24 часа“.
Согласно договорот, паузата во борбите потоа ќе трае четири дена, и како што додаде официјална Доха „ќе биде предмет на продолжување“.