Ирак денеска соопшти дека го пролонгира завршувањето на мисијата на меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од САД, поради моменталната ситуација во регионот.
Во Ирак распоредени се 2.500 американски војници, а во Сирија околу 900, како дел од меѓународната коалиција формирана во 2014 година за борба против Исламска држава. Изминатите месеци припадниците на коалицијата беа цел на десетина напади со дронови и ракети во Ирак и во Сирија.
Претходно беше предвидено постепено повлекување на коалициските трупи. Во денешното соопштение на ирачкото Министерство за одбрана се наведува нов датум за повлекување на коалициските сили.
Минатата зима, Исламскиот отпор во Ирак, група на проирански ирачки вооружени групи, ја презеде одговорноста за повеќе од 175 ракетни и беспилотни напади во Ирак и Сирија против американските трупи.
Како одмазда, САД извршија смртоносни напади против проирански фракции во овие две земји.
Во август, нови ракетни напади беа насочени кон воена база во Ирак каде што се стационирани коалициските трупи, при што беа повредени седум Американци.
Нападите се случуваат во тензичен момент кога Иран и неговите сојузници во Либан, Ирак и Јемен му се закануваат на Израел со одмазда за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во Техеран на крајот на јули и за убиството на воениот лидер на Хезболах кој беше убиен во израелски напад во близина на Бејрут.