Во нејзиниот прв петгодишен мандат, Фон дер Лајен разви репутација за носење еднострани одлуки, пречекорување на ингеренциите и исклучување на лидерите на ЕУ од носењето одлуки за клучни прашања. Таа ја удвои својата контрола врз Европската комисија со „разводнување“ на моќните портфолија на повеќемина функционери, така што конечната пресуда за клучните области останува на неа. Згора на тоа, француско-германското дуо е фокусирано на домашните прашања, што ѝ овозможи на Фон дер Лајен да ги протурка одлуките и покрај француското или германското вето
Едностраните потези за стекнување моќ од претседателката на европската влада, Фон дер Лајен, внесуваат конфузија во Унијата
Расте нервозата кај високите дипломати на ЕУ поради неодамнешните еднострани потези на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за стекнување моќ и влијание, кои се очекуваше да бидат тема на разговор меѓу состаноците на лидерите на европскиот блок што се одржуваа деновиве во Брисел, објави европското издание на магазинот „Политико“.
Фон дер Лајен неодамна одлучи да потпише историски трговски договор помеѓу ЕУ и јужноамериканскиот блок Меркосур – потег што една од најмоќните земји на Стариот Континент, Франција, го дочека со големо незадоволство.
– Фон дер Лајен неодамна со одлуката на Меркосур отиде подалеку од кој било претседател на Комисијата досега во толкувањето на нејзиниот мандат – наведе европски дипломат во изјава за „Политико“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој жестоко се спротивстави на договорот, бидејќи Париз стравуваше дека спогодбата ќе ги поткопа тамошните земјоделци и ќе го засили гневот против естаблишментот, не присуствуваше на самитот во Брисел.
Не е првпат Фон дер Лајен да се спротивстави на една од двете големи европски престолнини – Берлин и Париз. Претходно годинава Брисел воведе давачки за увоз на кинески електрични возила, што наиде на негодување во Берлин.
И додека новиот шеф на Европскиот совет, Антонио Кошта, го води својот прв самит, дискусиите ќе бидат фокусирани на претседателката на Комисијата.
– Вистинскиот разговор ќе биде за Фон дер Лајен и за тоа до каде може да оди таа – истакна друг европски дипломат.
Во нејзиниот прв петгодишен мандат, Фон дер Лајен разви репутација за носење еднострани одлуки, пречекорување на ингеренциите и исклучување на лидерите на ЕУ од носењето одлуки за клучни прашања. Таа ја удвои својата контрола врз Европската комисија со „разводнување“ на моќните портфолија на повеќемина функционери, така што конечната пресуда за клучните области останува на неа. Згора на тоа, француско-германското дуо е фокусирано на домашните прашања, што ѝ овозможи да ги протурка одлуките и покрај француското или германското вето.
Некои од функционерите се незадоволни, не само поради договорот со Меркосур, туку и од начинот на работа на Фон дер Лајен.
– Таа не може да продолжи пет години со едно движење надесно, едно налево или едно движење кон одредена земја. Таа мора да игра на картата за консензус, не да се спротивставува со оваа или онаа земја, туку да ги убеди – рече францускиот европратеник Кристоф Грудлер.
На состаноците на Кошта со европските лидери, од него беше побарано да ја рекалибрира рамнотежата на моќта меѓу Комисијата и земјите на ЕУ, според анонимни тврдења на двајца европски дипломати. Р.С.