Претставници на земјите-членки на ШОС се состанаа во Астана / Фото: ЕПА

Самит на „Шангајската организација за соработка“ (ШОС) во Астана

Кинескиот претседател Си Џинпинг вчера ги повика регионалните лидери да се спротивстават на „надворешното мешање“, на собирот на евроазискиот безбедносен блок, кој Пекинг и Москва го промовираат како противтежа на западната моќ, пренесуваат светските медиуми. Обраќајќи се на 24-от состанок на Советот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Астана, Казахстан, Си ги повика земјите членки да ја „консолидираат моќта на единството“ соочени со „вистинскиот предизвик на мешање и поделба“.
– Треба да работиме заедно за да се спротивставиме на надворешното мешање и цврсто да ги земеме нашата сопствена иднина и судбина, како и регионалниот мир и развој, во свои раце. Десетчлениот блок мора да се справи со внатрешните разлики со мир, да бара заеднички јазик и да ги решава тешкотиите во соработката – рече Си Џинпинг, цитиран од кинеската државна телевизија „Си-си-ти-ви“.
Кинескиот лидер ја истакна и потребата за заедничка промоција на научни и технолошки иновации, како и за одржување на стабилноста на индустриските и синџирите на снабдување.
Во пресрет на самитот, Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин се сретнаа на маргините и го поздравија продлабочувањето на усогласеноста на нивните земји. Путин оцени дека руско-кинеските односи во моментов се на највисоко ниво во историјата, „на еднаква основа и за заемна корист“, како и оти руско-кинеската интеракција е „еден од главните фактори за стабилизација на меѓународната сцена“. Р.С.


Факти за „Шангајската организација за соработка“ (ШОС)

l „Шангајската организација за соработка“ (ШОС) е меѓународна организација основана на 15 јули 2001 година од лидерите на Казахстан, Кина, Киргистан, Русија, Таџикистан и на Узбекистан. Индија и Пакистан станаа полноправни членки на организацијата на 9 јуни 2017 година. На 17 септември 2021 година, лидерите на организацијата го одобрија барањето на Иран за полноправно членство. Почетокот на постапката за добивање полноправно членство на Белорусија во организацијата беше објавен на 16 септември 2022 година, а во исто време таа останува во организацијата со статус на набљудувач.
l Вкупната територија на земјите членки на ШОС е повеќе од 35 милиони километри квадратни, или 65 отсто од територијата на Евроазија. Вкупното население на земјите на ШОС е околу 3,5 милијарди луѓе (2022), односно половина од светското население.
l Кинеската економија е втора светска економија во однос на номиналниот БДП, прва според БДП во однос на паритетот на куповната моќ (од 2014 година); економијата на Индија е трета по БДП.
l ШОС не е воен блок (како, на пример, НАТО). Главните задачи на организацијата се зајакнување на стабилноста и безбедноста во пошироката област, обединување на државите учеснички, борба против тероризмот, сепаратизмот, екстремизмот, трговијата со дрога, развојот на економската соработка, енергетското партнерство, научната и културната интеракција, но некои западни аналитичари сметаат дека ШОС е геополитичка противтежа на западните институции предводени од САД и нивните сојузници.