Одземање на имунитетот на две лица од партијата „Преродба“ кои учествуваа во вандализмот во саботата во Софија ќе бара јавниот обвинител Борислав Сарафов, објави бугарскиот портал „Сега“ кој ова го дознава од извори во обвинителството. Станува збор за пратеникот Ивајло Чорбов и Петар Ананиев, кој е кандидат за градоначалник на реонот Обориште, кој е дел од Софија и има имунитет како таков. Неговата заштита треба да ја отстрани ЦИК.
Материјалите денеска треба да бидат пријавени во Софиското градско обвинителство, а потоа обвинителите ќе ги подготват барањата што ќе ги поднесе Сарафов.
Шефот на СДВР, Љубомир Николов, вчера објасни дека пратеник од „Преродба“ е идентификуван како еден од најактивните учесници во вандализмот врз зградата на ЕК во Софија. Николов не го именуваше пратеникот, но во саботата заменик-претседателот на „Преродба“ Цончо Ганев објави дека тоа е Ивајло Чорбов. Полицијата не го препознала бидејќи носел шал што му го покривало лицето. Тој веднаш по утврдувањето на неговиот идентитет е пуштен на слобода, рече Николов.
Полицијата доцна синоќа уапси уште три лица во врска со ексцесите пред зградата на Европската комисија во Софија. Така, по протестот се приведени вкупно 10 лица, од кои двајца се ослободени поради имунитет, објави во меѓувреме БНТ.
Пет лица се обвинети за хулиганство со особен цинизам – еден од нив има 17 години.
Покрај демонстрантите, во саботата во ескалацијата на тензиите беа повредени и 10 полицајци – еден од нив е Георги Каменов.
-Правевме кордон и ме удрија со јајце полно со боја директно во десното око, поради што имам скината рожница, имав парчиња лушпа во окото. Се обидовме да изградиме кордон и влегувајќи во него, бев удрен и колегите ме извлекоа за да ми помогнат – објаснува Георги Каменов за БНТ.