Вишото јавно обвинителство во Заечар, Србија поднел обвинителен акт против Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, поради сомнение дека го убиле девојчето Данка Илиќ (2) во селото Бањско Поле кај Бор, дознава Нова.рс.
Двајцата се обвинети дека со автомобил на јавното комунално претпријатие „Водовод“ удриле девојче, а потоа ја задавиле и го сокриле телото на позната локација.
За случајот на Данка Илиќ првпат во Србија беше активиран системот „Најди ме“.
Данка Илиќ исчезнала откако со мајка и и брат дошла на имотот во Бањско поле. Потрагата по неа траеше речиси десет дена, а во неа учествувале припадници на српското МВР, волонтери, Планинарска спасувачка служба и многу други, но од девојчето немаше ни трага ни глас.
По десет дена српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека двајца се уапсени и дека во полиција го признале делото. Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ се работници на ЈКП „Водовод“, кои дежурале кобниот ден. Според првичните изјави, двајцата со својот автомобил го удриле детето покрај патот, а потоа онесвестено го ставиле во возилото и се оддалечиле. Девојчето во еден момент се разбудило и почнало да плаче, а потоа еден од нив ја убил, а нејзиното тело било фрлено во депонија во близина на местото на исчезнување.
Понатамошната истрага утврдила дека Дејан Драгијевиќ по злосторството го префрлил телото на девојчето на неколку локации, но до ден денес не е пронајдено.
Тогашниот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави дека двајцата паднале на полиграфскиот тест.