Обединетите Арапски Емирати разгледуваат можност за преземање воени мерки како одговор на иранските воздушни напади, потврдиле два неименувани извори запознаени со случувањата.
Според изјава дадена за порталот „Аксиос“, извор близок до властите навел дека земјата размислува за активни одбранбени чекори против Иран, иако, како што посочил, ОАЕ не се директно вклучени во конфликтот. Тој тврди дека кон територијата на државата биле лансирани околу 800 ракети.
Советникот за надворешна политика на претседателот на ОАЕ, Анвар Гаргаш, преку објава на социјалната мрежа „Икс“ оцени дека иранските напади врз земјите од Персискиот Залив претставуваат „погрешна пресметка“ што дополнително го изолира Техеран во чувствителен момент.
– Вие не сте во војна со вашите соседи. Оваа ескалација само го зајакнува наративот дека Иран е примарен извор на опасност во регионот и дека неговата ракетна програма е постојан извор на нестабилност – наведе Гаргаш.
Во официјално соопштение, Министерството за одбрана на ОАЕ информира дека Иран лансирал 186 балистички ракети, од кои 172 биле пресретнати, 13 завршиле во морето, а една погодила територија на земјата.
Покрај тоа, биле регистрирани 812 дронови, при што 755 биле соборени, а 57 погодиле одредени цели во државата.
Според Министерството, во нападите загинале тројца странски државјани, а околу 70 лица се повредени. Во соопштението се нагласува дека ОАЕ го задржуваат правото да одговорат на ескалацијата и да преземат сите неопходни мерки за заштита на својата територија и население.
































