Претстојниот самит на НАТО и поддршката за Украина во фокусот
Подготовките за Самитот на НАТО во Вашингтон со кој ќе се одбележи 75-годишнината од основањето на Пактот и обезбедувањето предвидлива поддршка за Украина на долг рок, ќе бидат главни теми на дводневната средба на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата, што денеска започнува во Брисел. Македонија на состанокот ќе ја претставува заменик-министерот за одбрана Тирон Јајага.
Средбата ќе започне со состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, по што попладне ќе се одржи заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за одбрана.
Утре министерската средба продолжува прво со Северноатлантскиот совет, а потоа и со состанок на Групата за нуклеарно планирање.
Во пресрет на средбата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг синоќа изјави дека таа се одржува во критично време за Украина и за безбедност со сојузниците и во услови кога се увиде дека доцнењето во обезбедувањето воена помош за украинските сили имаше последици на бојното поле.
– На овој состанок на министрите за одбрана ќе ја зајакнеме нашата поддршка за Украина, ќе ја зајакнеме нашата одбрана и ќе испратиме силна порака за одвраќање до нашите противници – изјави Столтенберг.
Тој нагласи дека очекува министрите да го одобрат планот според кој НАТО ќе раководи со координација на безбедносната помош и обука за Украина.
– Ова е клучен елемент за нашиот пакет за Украина, заедно со долгорочна финансиска обврска – истакна Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ги повика Сирија и Русија веднаш да ги прекинат воздушните напади на Идлиб и целосно да ги почитуваат своите меѓународни обврски.
Првиот човек на НАТО го поздрави американскиот пакет од 60 милијарди долари помош за Украина, како и ветената поддршка Шведска, Шпанија и Белгија во вредност од милијарда евра, која вклучува 30 ловци Ф-16 и авиони за рано предупредување, понудата на Германија за испраќање дополнителна батерија ракети „Патриот“, како и ветувањето на Италија за доставување уште еден антиракетен систем САМП/Т.
– Од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година, сојузниците секоја година обезбедуваат по 40 милијарди евра воена поддршка за Украина. Мора да го одржиме ова ниво на поддршка како минимално, онолку долго колку што е потребно – додаде Столтенберг.
Тој потсети дека од 2014 година, НАТО го спроведе најголемото засилување на колективната одбрана во една генерација, ги постави најсеопфатните одбранбени планови од крајот на Студената војна, а трошоците за одбраната се движат по нагорна траекторија.
Столтенберг најави дека средбата ќе се подготви план за воени набавки кој би требало на биде одобрен на Самитот во Вашингтон, со што ќе се зголеми военото производство на одбранбената индустрија и ќе се задоволат потребите на НАТО согласно новите одбранбени планови.
– Министрите ќе разговараат и за засилената руска кампања на непријателски активности низ земјите на НАТО. Сојузниците преземаат решителни мерки – апсења и правни постапки. Колективно ја засилуваме заштитата на критичната инфраструктура, како и размената на информации и разузнавачки податоци. Акциите на Русија нема да не спречат да ја поддржуваме Украина – истакна Столтенберг.
Тој најави и дека на состанокот на Групата за нуклеарно планирање ќе стане збор за тековното прилагодување на нуклеарните капацитети на актуелното безбедносно опкружување.
– Постигнавме значителен напредок во оваа адаптација. Во јуни, Холандија соопшти дека првите борбени авиони Ф-35 се подготвени за нуклеарната мисија на НАТО, а САД го модернизираат своето нуклеарно оружје во Европа. Како што се појавуваат предизвиците, нуклеарната мисија на НАТО останува иста: да го зачува мирот, да спречи принуда и да ја одврати агресијата – потенцира Столтенберг.