Се проценуваат можните ефекти по најавата од САД за продолжување на тестирањето нуклеарно оружје

  • Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика американските воени лидери да продолжат со тестирањето нуклеарно оружје за да бидат во чекор со другите светски сили како што се Русија и Кина

Најавата на американскиот претседателот Доналд Трамп за продолжување на тестирањето нуклеарно оружје од страна на САД ги изненади официјалните лица и предизвика критики од нуклеарни експерти во врска со безбедноста, изводливоста на процесот и целта на обновување на напорите по пауза од над три децении.
Трамп ги повика американските воени лидери да продолжат со тестирањето нуклеарно оружје за да бидат во чекор со другите светски сили како што се Русија и Кина. Најавата дојде само неколку дена откако американскиот лидер ја осуди Русија за тестирање ракета со нуклеарен погон, за која Кремљ тврди дека не спаѓа во нуклеарни тестирања.
– Поради програмите за тестирање на други земји, му наложив на Министерството за војна да започне со тестирање на нашето нуклеарно оружје на рамноправна основа – напиша Трамп на социјалните мрежи непосредно пред средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја одржана неделава.
Објавата на Трамп во средата вечера ја призна „огромната деструктивна моќ“ на нуклеарното оружје, но тој во неа додаде дека „нема друг избор“, освен да го ажурира и да го обнови американскиот арсенал.
Но некои експерти забележуваат дека на САД ќе им требаат најмалку 36 месеци за да ги рестартираат подземните нуклеарни тестови на поранешниот тест-полигон во Невада.
– Трамп е погрешно информиран. САД немаат техничко, воено или политичко оправдување за продолжување на тестирањето на нуклеарни експлозивни средства за првпат од 1992 година. Трамп ќе предизвика силен јавен отпор во Невада, од сите сојузници на САД, а би можел да предизвика и верижна реакција на нуклеарни тестирања од страна на противниците на САД и да го уништи Договорот за неширење на нуклеарното оружје – напиша извршниот директор на АСА, Дарил Г. Кимбал, на Икс.

Брзо следуваа одговори од Русија и од Кина

Објавата на претседателот Трамп означува очигледен пресврт на долгогодишната политика на САД. Последниот тест на нуклеарно оружје на САД беше во 1992 година, пред поранешниот републикански претседател Џорџ Х.В. Буш да издаде мораториум со завршувањето на Студената војна.
Русија објави во текот на изминатиот ден дека успешно тестирала две нови оружја способни да носат нуклеарни боеви глави. Меѓу нив беше ракетата „буревестник“ за која Кремљ рече дека може да ги пробие американските одбранбени системи, како и подводен дрон наречен „посејдон“, способен да го погоди американскиот западен брег и да предизвика радиоактивни океански бранови. Но тие тестови не вклучуваа детонација на нуклеарно оружје. Русија негираше дека извршила нуклеарни тестови.
– Во врска со тестовите на „посејдон“ и „буревестник“, се надеваме дека информациите му биле правилно пренесени на претседателот Трамп. Ова на никаков начин не може да се толкува како нуклеарен тест – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Од Кремљ истакнаа и дека САД не ја известиле Русија за својата намера да спроведат тестирање на нуклеарно оружје, навестувајќи дека Русија ќе дејствува соодветно ако некоја земја отстапи од мораториумот за тестирање нуклеарно оружје.
– САД се суверена земја, која има право да донесува свои суверени одлуки. Но сакам да потсетам на изјавата на претседателот Путин, која е повторена многупати: ако некој отстапи од мораториумот, Русија ќе дејствува соодветно – истакна Песков.
Кина, исто така, одговори на објавата на Трамп, соопштувајќи дека се надева оти САД искрено ќе ги исполнат своите обврски според Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни тестови (CTBT) и ќе ја почитуваат својата обврска за суспендирање на нуклеарните тестирања.

А кој поседува најголем арсенал на нуклеарно оружје?

САД имаат повеќе нуклеарно оружје од која било друга земја, како што истакна Трамп, додавајќи дека Русија е втора, а Кина е трета. Овие земји не спровеле нуклеарни тестирања од 1992 година. Всушност ниту една земја, освен Северна Кореја, не спроведе нуклеарна проба во овој век, според Здружението за контрола на оружјето (ACA) – па дури и Пјонгјанг објави мораториум во 2018 година.
Точниот број на боеви глави што ги поседува секоја земја се чува во тајност во секој случај – но се смета дека Русија има вкупно околу 5.459 боеви глави, додека САД имаат околу 5.177, според Федерацијата на американски научници (ФАС).
Агенцијата ACA, со седиште во САД, дава малку повисоки процени, велејќи дека нуклеарните резерви на Америка се околу 5.225 боеви глави, додека Русија има приближно 5.580. Кина е третата најголема нуклеарна сила со околу 600 боеви глави, Франција има 290, Обединетото Кралство 225, Индија 180, Пакистан 170, Израел 90 и Северна Кореја 50, објави ФАС. Според американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС), Кина приближно го дуплирала својот нуклеарен арсенал во последните пет години и се очекува да надмине илјада оружја до 2030 година.
Изјавата на Трамп за нуклеарното тестирање доаѓа на околу 100 дена пред истекот на Новиот договор за намалување на стратешкото оружје (Нов почеток) во февруари 2026 година – последниот преостанат договор за нуклеарно оружје меѓу САД и Русија. Спогодбата ја ограничува секоја земја на 1.550 боеви глави на распоредени ракети способни да ги преминат континентите.
САД последен пат тестираа нуклеарна бомба на 23 септември 1992 година. Тестот се одржа во подземен објект во западната држава Невада. Проектот беше 1.054-от тест за нуклеарно оружје спроведен од САД, според Националната лабораторија Лос Аламос, која одигра централна улога во помагањето во развојот на првата атомска бомба во светот.
Тест-полигонот во Невада на 105 километри северно од Лас Вегас, сè уште го управува американската влада.
– Доколку се смета за потребно, локацијата би можела повторно да биде овластена за тестирање нуклеарно оружје – според Националниот музеј за нуклеарна наука и историја, кој е подружница на институцијата „Смитсонијан“.
САД првпат влегоа во нуклеарната ера со тестот „Тринити“ на првата атомска бомба во јули 1945 година, во пустината Аламогордо во сојузната држава Ново Мексико.
Подоцна САД станаа единствената земја во светот што користеше нуклеарно оружје во војна откако фрли две атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки во август истата година за време на Втората светска војна. Р.С.