Министерот за надворешни работи на НР Кина, Ванг Ји, на минхенската безбедносна конференција / Фото: ЕПА

Забележително обраќање на министерот за надворешни работи на НР Кина, Ванг Ји, на минхенската безбедносна конференција

Потребата да се работи на создавање мултиполарен свет, како и определбата на Кина да биде фактор и конструктивна сила во таквиот свет, беа нагласени во обраќањето на шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, на минхенската безбедносна конференција што се одржува неделава, заедно со залагањето за еднаквост меѓу сите држави и почитување на целите и принципите на повелбата на Обединетите нации. Во продолжение, го пренесуваме во целост обраќањето на министерот за надворешни работи на Народна Република Кина

Светот во кој живееме е сè поголем спој на турбуленции и трансформација. Многу луѓе го поставуваат истото прашање: Каде се движи? Ако можам да ја позајмам темата на овогодишниот минхенски безбедносен извештај, тој се движи кон мултиполаризација. Кога Обединетите нации беа основани пред 80 години, имаа само 51 земја-членка, а денес, 193 земји пловат во ист голем брод. Мултиполарниот свет не е само историска неизбежност, туку станува реалност.

Дали мултиполарноста ќе донесе хаос, конфликт и конфронтација? Дали тоа значи доминација на големите земји и на силни што ќе ги малтретираат слабите? Одговорот на Кина е: треба да работиме за еднаков и уреден мултиполарен свет. Ова е уште еден голем предлог изнесен од претседателот Си Џинпинг и го претставува нашето искрено очекување за мултиполарен свет. Кина извесно ќе биде фактор на сигурност во овој мултиполарен систем и ќе се стреми да биде цврста конструктивна сила во светот што се менува.

Тука, сакам да истакнам четири точки.

Прво, важно е да се залагаме за еднаков третман. Ривалството меѓу големите сили му донесе катастрофа на човештвото, за што сведочат лекциите од двете светски војни во не толку далечното минато. Без разлика дали станува збор за колонијалниот систем или моделот јадро-периферија, нееднаквите поредоци неизбежно ќе се соочат со пропаст. Независноста и автономијата се барани низ светот, а поголемата демократија во меѓународните односи е незапирлива. Еднакви права, еднакви можности и еднакви правила треба да станат основни принципи на мултиполарниот свет.

Токму во овој принцип Кина се залага за еднаквост меѓу сите земји без разлика на големината и повикува на зголемување на застапеноста и на гласот на земјите во развој во меѓународниот систем. Ова нема да доведе до „незападност“, туку ќе донесе повеќе позитивни резултати во светот. Минхенската безбедносна конференција покани повеќе учесници од земјите од Глобалниот Југ во последните години. Ова е мудра работа. На секоја земја треба да ѝ се слушне гласот. Секоја земја треба да биде во можност да го најде своето место и да ја игра својата улога во мултиполарна парадигма.

Второ, важно е да се почитува меѓународното владеење на правото. Како што вели една стара кинеска поговорка, круговите и квадратите не можат да се нацртаат без шестари и линијари, што значи дека ништо не може да се постигне без да се следат нормите и стандардите. Целите и принципите на Повелбата на ООН обезбедуваат фундаментални насоки за справување со меѓународните односи. Тие се исто така важен камен-темелник на мултиполарниот свет. Светот денес е сведок на непрестаен хаос и конфузија, а една важна причина е што некои земји веруваат дека силата дава право и ја отворија Пандорината кутија означена како законот на џунглата. Во реалноста, сите земји, без разлика на големината или силата, се чинители во меѓународното владеење на правото. Мултиполарната парадигма не смее да биде состојба на неред. Без норми и стандарди, некој вчера можел да биде на маса, но утре да заврши на менито. Големите земји мора да преземат водство во придржувањето до нивните зборови и почитувањето на владеењето на правото, и не смеат да кажуваат едно, а да прават друго, или да се вклучат во игра на нулта сума.

На горенаведените гледишта се заснова дека Кина одлучно го поддржува авторитетот на меѓународното владеење на правото и активно ги исполнува своите меѓународни одговорности и обврски. Таа е членка на речиси сите универзални меѓувладини организации и членка на преку 600 меѓународни конвенции. Никогаш не практикува ексепционализам, а уште помалку избирливост. Тоа ја пружа најголемата сигурност во овој неизвесен свет. Сакам да нагласам дека не треба да има двојни стандарди во почитувањето на меѓународното право. Почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји треба да значи поддршка за целосно обединување на Кина.

Трето, важно е да се практикува мултилатерализам. Соочена со новите глобални предизвици, ниту една земја не може да остане незасегната, а пристапот „ние на прво место“ во меѓународните односи води само до резултат на „луз-луз“ (неизбежна загуба – н.з.). ОН се во сржта на практикувањето на мултилатерализмот и унапредувањето на глобалното владеење. Оваа структура ги штити сите земји од ветер и дожд скоро 80 ​​години и е потребна уште повеќе во мултиполарниот свет на иднината. Треба да ги зацементираме нејзините темели, наместо да ги уништуваме нејзините столбови. Треба да ги преземеме нашите обврски за управување со глобалните прашања, наместо да бараме само лични интереси. Треба да се справиме со заедничките предизвици солидарно, наместо да прибегнуваме кон конфронтација на блокови.

Токму од ова разбирање Кина го одржува вистинскиот мултилатерализам и ја застапува визијата за глобално владеење со опсежни консултации и заеднички придонес за заедничка корист. Ние цврсто го поддржувавме авторитетот и статутот на ООН и придонесовме за повеќе од 20 отсто од редовниот буџет на ОН. Постапивме сериозно по Парискиот договор за климатски промени и го изградивме најголемиот систем за производство на чиста енергија во светот. Исто така, предложивме и испорачавме Иницијатива за глобален развој, Иницијатива за глобална безбедност и Иницијатива за глобална цивилизација, обезбедувајќи јавни добра за подобрување на глобалното владеење.

Четврто, важно е да се стремиме кон отвореност и заемна корист. Развојот е клучот за решавање на различни проблеми. Мултиполарниот свет треба да биде таков во кој сите земји се развиваат заедно. Протекционизмот не нуди излез, а произволните тарифи не даваат победници. Раздвојувањето некого лишува од можности, а „малиот двор со високи огради“ на крајот себеси се ограничува. Важно е да се продолжи со отворена соработка и да се поддржи еднаков и уреден мултиполарен свет со универзално корисна и инклузивна економска глобализација.

Токму за оваа цел Кина останува посветена на споделување можности за развој со сите земји. Еден австралиски научник ја нарече Кина „овозможувач“, што сметам дека е многу соодветно. Со раст на БДП од пет проценти минатата година, Кина придонесе за речиси 30 отсто од светскиот економски раст. Таа служеше како важен мотор за глобалниот економски раст и ги сподели со светот придобивките од својот огромен пазар. Кина е подготвена да ја синергизира висококвалитетна соработка од иницијативата „Појас и пат“ со стратегијата „Глобална порта“ на ЕУ, за да се зајакнат меѓусебно и да го зајакнат целиот свет.

Пријатели,

Кина отсекогаш во Европа гледала важен пол во мултиполарниот свет. Двете страни се партнери, а не ривали. Оваа година се одбележуваат 50 години од дипломатските односи меѓу Кина и ЕУ. Користејќи ја оваа можност, Кина е подготвена да работи со европската страна за да ја продлабочи стратешката комуникација и заемно корисната соработка, и да го насочи светот кон светла иднина на мир, безбедност, просперитет и напредок.

На безбедносната конференција во Минхен,

Министер за надворешни работи на НР Кина,

Ванг Ји