Европската Унија официјално го усвои осмиот пакет санкции против Русија, како одговор на анексија на четири украински региони, јави дописничката на МИА од Брисел.
Главен фокус на овој пакет е ограничувањето на трговијата со руска нафта за трети земји, надвор од ЕУ.
Конкретно ЕУ со ова воведува ценовен плафон за морскиот превозот на руска нафта во земји кои не се членки на ЕУ, каде санкциите врз нафтата се веќе усогласени. Европската Унија сака да го намали приходот од нафта за Москва, која својата трговија ја пренасочува вон ЕУ поради санкциите.
Ќе биде забрането да се превезува руска нафта од декември 2022 година или нафта која се извезува од Русија, по морски пат, и да се дава техничка или финансиска помош во оваа цел. Ценовниот плафон што се воведува ќе овозможи превоз само доколку купената нафта е под одредена цена. Датумот на стапување на сила и износот на плафонот сѐ уште не се усогласени на ниво на ЕУ. ЕУ се надева дека со ова ограничување на цената ќе се намалат приходите на Кремљ, иако бројни прашања остануваат неодговорени, како на пример начинот на кој ќе се контролира реалната цена на натоварената нафта, или промената на знамето на бродовите што ја превезуваат за да ги избегнат санкциите.
ЕУ потсетува дека на сила се и забрани за осигурителните компании и банките, што би требало да помогне да се намали обемот на превезена нафта.
За Западниот Балкан останува едно главно неодговорено прашање, а тоа е дерогацијата за добивање нафта преку Хрватска. Имено Хрватска преку нејзиниот нафтовод увезува руска нафта која потоа ја препродава на земјите од Западен Балкан.
Регионот се надеваше дека ќе добие изземање од овие санкции за да може да продолжи да набавува руска нафта преку Хрватска, но во овој момент земјите членки не успеале да се договорат за оваа дерогација. Од Европската Комисија велат дека темата не била темелно дискутирана во ЕУ, но дека ќе се врати на дневен ред пред декември, кога стапува на сила новиот пакет.
-Немавме потреба да одлучуваме за ова во овој момент, проблемот ќе се појави кога ќе се превезува нафта по морски пат во декември, тогаш ќе има дискусија како да се справиме со ова – објаснуваат експертски извори од институциите на Европската Унија, кои учествуваат во креирањето на пакетите санкции.
Тие велат дека кога руска нафта пристигнува преку Хрватска за да се упати кон Западниот Балкан, се отвора прашањето „до која мера можеме да продолжиме кога забраната за увоз по морски пат за Хрватска“ стапи на сила. Односно, кога санкциите ќе стапат на сила, Хрватска доколку увезува руска нафта де факто би ги прекршила сопствените ЕУ санкции, доколку ја користи таа нафта.
Доколку не ја користи и ја упати исклучиво кон земјите од Западен Балкан, како трети земји, повеќе земји членки изјавиле дека тоа би значело дека регионот би бил во привилегирана позиција во споредба со земјите членки на ЕУ, објаснуваат експертите на ЕУ, пренесува МИА.
Во меѓувреме се појавија и наводи дека одбивањето за дерогација во сегашниот пакет санкции е поврзан со одбивањето на Србија да се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија. Овие наводи не ги потврдуваат други дипломатски и експертски извори во ЕУ, иако повторуваат дека не е променет ставот на ЕУ дека Белград треба да се усогласи.
-Сѐ уште има време за дискусијата за дерогација за Западен Балкан – велат од ЕУ, дискусијата ќе се случи пред декември.
Освен тоа, многумина дипломати оцениле и дека Западниот Балкан има доволна диверзификација на енергетските извори за да може да се снајде и без ваква дерогација.
Фактот што Хрватска побара да се запре испораката на руска нафта за Србија преку гасоводот Јанафа, како дел од новиот пакет санкции на ЕУ против Русија, е отворен чин на непријателство на Хрватска кон Србија и всушност претставува воведување санкции против Србија. не Русија, изјави денеска српската премиерка Ана Брнабиќ.
За Танјуг, Брнабиќ таа одлука ја оцени како скандалозна, а според неа единствена можност Србија во тој случај ја има да купува нафта преку други извори.
Министерката за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ по одлука на ЕУ изјави дека веќе е познато дека по 1 ноември годинава Србија нема да може да се снабдува со руска нафта и дека српските рафинерии и нафтени компании по тој датум ќе се снабдуваат од слободниот пазар.
Таа рече дека пазарот ќе се снабди и нема да има проблем во испораката на гориво. Михајловиќ не сакаше директно да ги коментира медиумските написи дека Хрватска, заедно со некои други земји-членки на ЕУ, спречила во осмиот пакет санкции Србија да не биде изземена од забраната за увоз на нафта од Руската Федерација, јави дописникот на МИА од Белград.