Пронајдени се нови докази против главниот осомичен за исчезнувањето на Медлин Мекен, соопшти обвинител од Германија, а пренесоа британските медиуми. Ханс Кристијан Волтерс во интервју за португалска телевизија истакна оти истражителите верувале дека откриле „факти и нови докази, но не форензички докази“.
Властите во Фаро, Португалија, минатата недела соопшти дека осудениот силувател Кристијан Брикнер (44) официјално е осомничен за исчезнувањето на девојчето од Велика Британија. Ова е првпат португалските власти да посочат официјален осомничен во случајот, откако родителите на Медлин, Кејт и Гери Мекен беа осомничени во 2007 година. Сомнежите за родителите беа отфрлени во 2008 година. Брикнер претходно негираше вмешаност во исчезнувањето на Медлин Мекен.
– Сигурни сме дека тој е убиецот на Медлин Мекен. Сигурни сме дека тој ја убил Медлин Мекен. Истрагата уште е во тек и мислам дека откривме некои нови факти, некои нови докази, но не форензички докази, туку докази – кажа Волтерс кој ја истражува поврзаноста на Брикнер со случајот уште од 2020 година.
Германската полиција во јуни 2020 година соопшти оти се претпоставува дека Медлин е мртва, како и дека Брикнер веројатно е одговорен за нејзиното исчезнување. Но британските истражители продолжуваат да го третираат случајот како за исчезнато лице. Германија, за разлика од Португалија нема огранучувања за застарување на случајот кога станува збор за убиство.
Волтерс, кој е обвинител во Брауншвајг, го истражува Брикнер за пет наводни злосторства, вклучувајќи три случаи на силување и два случаја на злоставување деца, од кои последниот е од 2017 година.
Зборувајќи во пресрет на 15-годишнината од исчезнувањето на нивната ќерка кое се случи на 3 мај 2007 година, Кејт и Гери Мекен истакнаа дека било сторено застрашувачко злосторство и оти уште бараат одговори.
– Годинава одбележуваме 15 години откако последен пат ја видовме Медлин. Чувството не е потешко, но ниту полесно. Ова е долго време. Многумина зборуваат дека ни е потребна разрешница. Тоа секогаш е чуден термин. Без разлика на исходот, Медлин секогаш ќе биде наша ќерка и сторено е навистина застрашувачко злосторство. Овие нешта ќе останат – се наведува во соопштението на родителите на Медлин.
Тие минатата недела го поздравија прогласувањето на Брикнер за официјален осомничен од португалските власти.
– Иако шансите се мали, ние не ја изгубивме надежта дека Медлин уште е жива и оти повторно ќе бидеме со неа – порачаа Кејт и Гери Мекен.
Тогаш тригодишната Медлин Мекен исчезна од апартман во португалското летувалиште Праја до Луш на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители Кејт и Гери биле на вечера во ресторан во близина.
Британската полиција покрена истрага во 2011 година, откако португалските власти не успеаја да дојдат до одговори во случајот. Досега се потрошени над 15 милиони евра за финансирање на напорите за пронаоѓање на девојчето, но нема конкретни одговори ниту по 15 години од нејзиното исчезнување.