Во текот на жестокиот воен судир во Украина разрешувања и нови назначувања во врвот на официјален Киев
Промени во владата и во својот кабинет најави украинскиот претседател Володимир Зеленски, образложувајќи ја одлуката со потребата од зајакнување на одредени елементи на државното управување. Неговата објава следува по рускиот ракетен напад врз воен институт во Полтава, на североистокот на земјата.
Зеленски смета дека сега е момент да им се даде нов импулс на државните институции
Промените во украинската влада се преземаат во контекст на руската офанзива во источниот дел на Донецката област, конкретно кон клучниот град Покровск.
Од почетокот на воениот конфликт украинскиот претседател неколкупати ги менуваше министрите, како што беа смената на министерот за одбрана поради корупциски скандали и смената на главниот командант на вооружените сили поради неуспеси на бојното поле. Тој нагласи дека есента ќе биде исклучително важна, како и дека сега е момент да им се даде нова сила на украинските државни институции.
– Нашите државни институции треба да бидат структурирани така што Украина ќе може да ги постигне сите неопходни резултати. Сега е момент да им се даде нова сила на државните институции на Украина. Есента ќе биде исклучително важна – истакна Зеленски, изразувајќи надеж за давање „поинаква тежина на одредени области од надворешната и внатрешната политика“.
Тој смета и оти е неопходна подобра комуникација помеѓу владата и локалните заедница, земајќи ги предвид и нападите врз украинскиот енергетски систем во пресрет на зимската сезона.
Украинскиот претседател нагласи и дека е неопходно засилување на соработката со НАТО, истакнувајќи ја и важноста од реални преговори за членство во ЕУ.
Испразнети повеќе од една третина од позициите во украинската влада
Влијателниот пратеник од партијата на Зеленски, Слуга на народот, Давид Арахамија, пак, изјави дека ќе има големи промени во владата, по што повеќе од половината министри ќе бидат сменети.
Министрите за стратегиски индустрии Олександр Камишин, за правда Денис Малјуска и за заштита на животната средина и природните ресурси Руслан Стрилец, како и вицепремиерката за европска и евроатлантска интеграција Олга Стефанишина поднесоа оставки во украинскиот парламент. Зеленски, пак, го разреши заменикот на шефот на својата канцеларија Ростислав Шурма.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера поднесе оставка, а допрва се очекуваат повеќе оставки и именувања, откако завчера петмина министри поднесоа оставки од кабинетот. Претседателот на украинската Врховна рада и близок соработник на украинскиот претседател Руслан Стефанчук ги опиша овие промени како најголем „рестарт“ на владата пред почетокот на зимата.
Повеќе од една третина од позициите во украинската влада сега се испразнети, откако претходно годинава имаше и други разрешувања.
Се смета оти е можно Зеленски и неговите политички сојузници да се обидат да ги пополнат овие позиции пред претстојната посета од претседателот на Украина на САД, каде што тој планира да го претстави т.н. „план за победа“ на американскиот претседател Џо Бајден.
Мандатот на Зеленски како претседател истече во мај, но тој останува на функцијата во согласност со военото право, кое беше воведено во Украина по почнувањето на војната во февруари 2022 година. Р.С.