Според британски „Економист“
На неколку часа пред закажаниот термин, Американската вселенска агенција (НАСА) денеска го одложи лансирањето на новата ракета во рамки на програмата „Артемида“ (именувана според грчката божица, сестра близначка на Аполон) поради проблеми со моторите. Следната прилика за испраќање на ракетата во вселената ќе биде в петок. Научниците, инженерите и љубителите на вселената повеќе од една деценија чекаа да биде употребен ракетниот систем на вселенско лансирање (СЛС). А сега ќе мора да чекаат уште неколку дена, наведува „Економист“ во текстот насловен „Најновата ракета на НАСА е огромна загуба на пари“.
Во неговата книга насловена „Суштината“, професорот по бизнис-стратегија Ричард Рамелт, пишува за некогашен разговор со полковник од воздухопловните сили. Рамелт тогаш прашал „што е совршен борбен авион“, на што полковникот му одговорил „совршениот дизајн би вклучувал изведувачи во секоја сојузна држава и делумно производство во секој конгресен дистрикт“. Овој разговор е пренесуван откако Рамелт ги опиша арчењето и збрканоста во програмата за вселенски шатлови на НАСА, за што го обвинува исклучиво американскиот Конгрес.
Денес, по повеќе од една деценија откако заврши шатл-програмата, НАСА требаше првпат да ја тестира нејзината најнова ракета. Системот за вселенско лансирање е првиот чекор во програмата „Артемида“ која цели да ги врати луѓето на Месечината, а евентуално и да ги испрати на Марс. „СЛС“ е наследник на вселенскиот шатл, како и на легендарната ракета „Сатурн 5“ што ги одведе астронаутите на мисијата „Аполо“ на Месечината. Исто така е бесцелен, според „Економист“.
– Концептот и изведбата на проектот е речиси совршен пример на т.н. „политика на свинско буре“ која се однесува на случаи во кои владејачките партии насочуваат пари во одредени изборни единици врз основа на политички причини, а на штета на јавните интереси. Резултатот е ракета што приватните модели веројатно ќе ја даминат наскоро по нејзиното прво лансирање. Но, не ги обвинувајте научниците и инженерите во НАСА за дебаклот. Вината лежи повторно во Конгресот – тврди британскиот весник.
Се додава дека развојот на „СЛС“ ги чинел американските даночни обврзници 23 милијарди долари во изминатата деценија, додека приватната компанија „Спејс екс“ на Илон Маск покажала дека е можно конструирање на ракети за повеќекратна употреба со трошок по лансирање од околу 50 милиони долари, што е значително помалку од две милијарди долари, колку што се проценува секое лансирање на „СЛС“.