Новата година би можела да донесе „војни на ѕвездите“ во која вселената станува „последната економска граница“, како и фокус на глобалната трка за доминација, во јавниот и во приватниот сектор, пишуваат светските медиуми.
Предвидено е Русија, Индија и Европската вселенска агенција в 2023 година да лансираат мисии до Месечината и подалеку во длабоката вселена, наведува „Би-би-си“. Ваквата активност ќе уследи по мисијата на Американската вселенска агенција (НАСА), Артемида 1“ кон Месечината.
„Спејс екс“, пак, планира да однесе деветмина патници на патување околу Месечината кон крајот на 2023 година, што ќе биде прва мисија за вселенското летало „Старшип“, способно да пренесува 100 луѓе. Се претпоставува дека цел на светските сили, како што се САД, Русија и Кина, е да постават бази на Месечината, како што тврди астрономот Џонатан Мекдауел од американскиот Центар за астрофизика „Харвард-Смитсонијан“.
„Спејс екс“ на Илон Маск и „Блу ориџин“ на Џеф Безос се меѓу над 10-те илјади комерцијални вселенски компании што се развија во изминатите две децении во обемниот сектор наречен „нова вселена“, посветен на развојот на приватниот пристап до вселената, сервисирањето на сателитите преку вселенските станици, одбранбената технологија, анализата на податоците, а дури и пошпекулативните области како што е вселенскиот туризам.
„Спејс екс“ е најпознатиот „нов играч“ во вселената, откако веќе лансираше илјадници сателити за јавна и приватна употреба. Згора, се води жестока дебата за контролата врз вселенската економија, која вредеше 469 милијарди долари во 2021 година, според „Вселенската фондација“, а за која Банката на Америка смета дека ќе претставува индустрија вредна 1,4 трилиони долари до 2030 година, според „Фајненшл тајмс“.
Приходите во комерцијалниот вселенски сектор пораснаа до 6,4 отсто од 2020 година, како што се наведува во извештајот на „Вселенската фондација“ за 2020 година. Тоа во голема мера се должи на зголемувањето од 19 отсто во владиното трошење на воени и цивилни вселенски програми (вложувањето на Индија е зголемено до 36 отсто, на Кина 23 отсто, а на САД 18 отсто).
Додека вселенското истражување порано се сведуваше на државно поддржани програми, фокусирани на национална безбедност, патриотизам и научни истражувања, САД почнаа да ја олабавуваат владината контрола врз вселената. Но, универзитетскиот професор од „Харвард“, Метју Вајнзирл, тврди дека дека со намалувањето на трошоците и со зголемувањето на иновативноста за материјалите и опремата, се зголемила и монополизацијата на секторот.
Новата вселенска трка е комплексна поради обемот и ризикот за штета. Оптимистите тврдат дека потенцијалните профити од комерзијализацијата на вселената ќе бидат повеќе од доволни за расчистување на т.н. вселенски отпад.