Полицијата во Љубљана добила дојава дека е пронајдено мртво лице во септичка јама, јавува словенечката новинска агенција, додека локалните медиуми јавуваат дека се работи за маж кој загинал додека ги отстранувал последиците од поплавите.
Како што објави порталот Камник, станува збор за маж кој наводно загинал додека ги отстранувал последиците од силните поплави. Според досегашните информации, мажот настрадал кога при изведување работи паднал во јама, а смртта не е последица на кривично дело.
Полицијата продолжува со истрагата и сите околности ќе ги пријави до надлежното државно правобранителство.
Во саботата, пишува РТВ Словенија, во водите на Сава било пронајдено тело на повозрасен маж. Тој живеел во близина на брегот во месноста Томачево и бил однесен во водите на надојдената и излеана река. Претходно во петокот во месноста Камник, беше соопштено за смртта на жена во Камник. Медиумите, исто така јавија за двајца настрадани холандски државјани во планините кај Крањ, но деталите околу овој случај засега се нејасни.
Инаку, Словенија веќе четврти ден се бори со поплавите, предизвикани од обилните врнежи од дожд. Протокот на реката Мура стивнува, но водата и понатаму ги поплавува куќите и дворовите.
Бројот на загинати во катастрофалните поплави денеска се зголеми на шест, откако беа пронајдени телата на маж кој работеше на поправка на штетите и уште едно тело во надојдената река Теменица, јавува СТА.
Во текот на претходната ноќ, пожарникарите интервенирале за отстранување на последиците од поплавите во 57 случаи, најмногу во Помурје и Корушка.
Одредени области се уште се поплавени, многу патишта се уште се затворени, а надлежните служби предупредуваат дека со повлекување на водата, ризикот од одрони на тие места ќе се зголемува.