Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека онлајн-шпионажа е најверојатната причина за предвременото истекување информации дека венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо ќе биде добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година.
– Со сигурност може да се каже дека имало лица кои на незаконски начин дошле до информацијата за одлуката – изјави портпарол на Нобеловиот институт.
Постојаниот секретар на Норвешкиот Нобелов комитет, Кристијан Берг Харпвикен, прецизираше дека не е утврдено што точно се случило и кој стои зад пробивот, но дека се смета оти тој е извршен преку компјутерскиот систем на комитетот.
Сомнежите за протекување информации се појавија на 10 октомври, неколку часа пред официјалното објавување на лауреатот во Осло, кога шансите Мачадо да ја добие наградата нагло пораснаа на некои онлајн-платформи за обложување. Според Харпвикен, почетниот износ на обложени средства за Мачадо изнесувал околу 2,2 милиони долари, но набрзо значително се зголемил.
Медиуми посочуваат дека Мачадо претходно не била споменувана како фаворит ниту од експерти, ниту од медиуми, што дополнително ги зајакнало сомнежите за протекување информации.
Во истрагата била вклучена и една од норвешките разузнавачки служби, со цел да се утврди дали станува збор за интерно протекување на информации или за шпионажа од страна на криминална или државна структура.
Засега не е јасно кој стои зад пробивот и дали целта била финансиска добивка преку обложувања или намерно нарушување на довербата во Нобеловата награда за мир. Харпвикен истакна дека комитетот веќе работи на мерки за спречување вакви ситуации во иднина.
Марија Корина Мачадо беше наградена со Нобеловата награда за мир за 2025 година за нејзината борба против авторитарното владеење во Венецуела. Таа наградата ја посвети на венецуелскиот народ и на политичките затвореници во земјата.
































