Фото ЕПА

САД и земјите-членки на НАТО постепено го губат стратешкото влијание во Грузија, а нејзино зближување со Русија би можело да предизвика сериозен геополитички проблем за Вашингтон, објави американскиот неделник „Њузвик“.

– И покрај трајната прозападна симболика и огромната поддршка од народот за пристапување во ЕУ и НАТО, Русија на претседателот Владимир Путин е во пораст, додека односите на грузиската Влада со САД и другите западни сили брзо се влошуваат. Додека западните земји истакнуваат дека руската војна во Украина ја зајакна солидарноста и ги внесе Финска и Шведска во таборот на НАТО, некогашниот кандидат за членство Грузија се чини отиде во другата насока – објави „Њузвик“.

Директорот на Грузискиот институт за политика, Корнели Какачија наведе дека „Западот ја губи стратешката конкуренција во регионот каде се Кина, Турција, Иран, како и Русија“.

– Приклонувањето на Грузија во руската орбита би бил значителен неуспех за САД, НАТО и Западот, со геополитички импликации кои би биле и стратешки и симболични – изјави Лаура Линдерман од Центарот за Евроазија на Атлантскиот совет.

„Њузвик“ потсетува дека односите помеѓу Владата на партијата Грузиски сон и западните земји нагло се влошија изминатите месеци, иако теоретски Тбилиси сè уште е посветен на членство во ЕУ и во НАТО. Процесот на пристапување во ЕУ беше суспендиран од Брисел во јули поради усвојување на Законот за странско влијание и покрај масовните протести.