ЦИА во 2022 година го предупредила американскиот претседател Џо Бајден дека има 50 отсто или повеќе шанси Русија да употреби нуклеарно оружје доколку открие дека нејзините сили се десеткувани и дека незаконски анектираната територија на Крим е во опасност, пишува „Њујорк тајмс“.
Весникот објави дека Бајден го одржал говорот „Армагедон“ на 6 октомври 2022 година во Њујорк токму поради оваа причина. Во тоа време, американскиот претседател рече дека „САД не се соочиле со можноста за Армагедон уште од Кенеди и кубанската ракетна криза“.
Во таа прилика Бајден предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин е сериозен кога споменува нуклеарен напад.
– Путин не се шегува кога зборува за потенцијална употреба на тактичко нуклеарно, биолошко или хемиско оружје, бидејќи неговата војска, може да се каже, значително потфрли – рече Бајден.
Во февруари 2022 година, откако Русија ја нападна Украина, американските разузнавачи првично рекоа дека нема докази дека Русија планира да користи оружје за масовно уништување. Но, кога Украина изврши контранапад и почна да го потиснува рускиот напредок, ЦИА предупреди дека ги пресретнала сите дискусии на руските сили за можноста за употреба на тактичко нуклеарно оружје од помал размер.
Марк Мили, поранешен началник на Здружениот Генералштаб, ја нарече ситуацијата „нуклеарен парадокс“ за САД.
– Колку Украинците се поуспешни против Русите, толку е поголема веројатноста Путин да се закани дека ќе употреби нуклеарна бомба или навистина да ја употреби – коментира Мили.
Новинарот на Си-ен-ен Џим Сциут добил информација од високи претставници на администрацијата на Бајден дека тимот на американскиот претседател ригорозно се подготвува за можен руски нуклеарен напад врз Украина. Висок функционер, наводно, рекол дека Советот за национална безбедност се состанал за да разговара за тоа како САД ќе одговорат на руски нуклеарен напад и како да го одвратат или спречат.
„Њујорк тајмс“ објави дека, сега кога се чини дека Русија јима предност на првите линии на фронтот, американските разузнавачки агенции повеќе не веруваат дека постои непосредна закана од нуклеарен напад.
Сепак, рускиот претседател не ја исклучи можноста за употреба на нуклеарно оружје.
– Западните земји мора да сфатат дека и ние имаме оружје што може да погоди цели на нивна територија. Ова се заканува да предизвика конфликт со нуклеарно оружје и се заканува да ја уништи цивилизацијата. Зарем Западот не го сфаќа тоа – рече Путин во своето обраќање до нацијата.