Демонстранти во Тел Авив и низ Израел го прославија ослободувањето на четворицата заложници од заробеништво на Хамас во Појасот Газа но и повикаа на нови избори и враќање на сите киднапирани во терористичкиот напад на 7 октомври во јужен Израел.
Како што јавуваат локалните медиуми, на синоќешните протести доминираше радоста поради ослободувањето на Ноа Аргамани, Алмог Меир Јан, Андреј Козлов и Шломи Жив, но и гневот поради постапките на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и владата.
Полицијата соопшти дека во Тел Авив се уапсени 33 демонстранти. Полицајци на коњи ги привеле демонстрантите, а подоцна биле употребени и водени топови.
Поранешниот шеф на израелската разузнавачка служба, Амос Малка, обраќајќи ѝ се на толпата, ја нарече спасувачката операција „исклучителен оперативен успех во морето од стратешки неуспеси“.
Тој, исто така, го критикуваше Нетанјаху што брзал да се сретне и да се фотографира со ослободените заложници и нивните семејства, а не контактирал со семејствата на заложниците кои биле убиени во заробеништво.
По вчерашната спасувачка операција, 116 од 251 заложник киднапирани од Хамас на 7 октомври 2023 година се уште се во заробеништво, но не се сите живи.
За време на еднонеделното примирје на крајот на ноември, 105 цивили беа ослободени од заробеништво на Хамас, а пред тоа беа ослободени четворица заложници.
Слични помали протести беа одржани и во други израелски градови, вклучувајќи го и Ерусалим, каде што демонстрантите носеа големи фотографии од четворица заложници чија смрт неодамна беше објавена и скандираа пред резиденцијата на премиерот за поддршка на предложениот договор за заложници и против војната во Газа.
Демонстрантите се собраа и околу куќата на Нетанјаху на Средоземното Море, барајќи предвремени избори и ослободување на преостанатите заложници.
Заложниците беа киднапирани за време на терористичкиот напад на југот на Израел на 7 октомври, кога, според Израел, околу 3.000 палестински екстремисти ја пробија граничната ограда и влегоа на израелска територија по копно, воздух и море, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа 251 заложници од кои повеќето беа цивили.