Секојдневниот живот во Лавов на прв поглед се одвиваше вообичаено за време на воените дејствија во источна Украина пред нешто повеќе од седум години, кога „Нова Македонија“ беше во украинскиот град за да го следи натпреварот на македонската фудбалска репрезентација против Украина (0-1) од квалификациите за Европското првенство во 2016 година. Тогаш фудбалот претставуваше прилика за Украинците макар накратко да ги оттргнат мислите од војната, но виорот на оружениот конфликт сега го зафати и Лавов, кој во изминатите десетина дена стана своевидна логистичка база и дипломатски центар на Украина откако беа преместени дел од владините институции и странски амбасади, како и коридор за илјадниците бегалци кои одат накај Полска (оддалечена околу 80 километри), односно за снабдување на украинските трупи на фронтот со залихи.
Градот на листата на УНЕСКО за светско културно наследство засега е поштеден од директно вклучување во воениот конфликт, но сепак се подготвува за најлошото, според светските медиуми. Украинските власти тврдеа дека имало наводен обид за уфрлање на руски сили во првите часови од тековниот конфликт, според градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, кој кажа дека таквата акција била спречена по оружен судир, а пренесе „Њујорк тајмс“.
При посетата на „Нова Македонија“ од Лавов во октомври 2014 година, Украинците ги споделија нивните размислувања за војната и за тежнеењето кон влез во Европската Унија и во НАТО кои се актуелни и денес. Во продолжение се пренесени извадоци од репортажата на „Нова Македонија“.
Луѓето ги сокриваа проблемите и покрај загриженоста
– Фудбалот моментно не е во прв план, бидејќи војната е тема што најмногу ги засега Украинците, но сепак мечевите претставуваат 90 минути во кои забораваме на војната и на проблемите што ги има земјата – кажа Љубомир Кузмјак, новинар на украинскиот интернетпортал „Про футбол“ во пресрет на мечот помеѓу Украина и Македонија во 2014 година.
Секојдениот живот во Лавов, на прв поглед, тогаш се одвиваше сосема нормално. Луѓето беа пријателски расположени, изгледаа безгрижно, а кафулињата и рестораните беа полни во текот на целиот ден. Се стекна впечаток дека жителите на градот во западна Украина воопшто не ги загрижува војната во источниот дел на земјата, кој е оддалечен повеќе од илјада километри од нив. Но на прашањето што мислат за оружениот конфликт во нивната држава и како влијае тој врз нивниот живот, даваа емотивен одговор, во кој можеа да се забележат голема горчина и тага.
– Војната ги загрижува граѓаните на Лавов, и покрај тоа што сме далеку од подрачјата зафатени од неа. Но ние се трудиме да ги скриеме проблемите бидејќи Лавов е туристички град и во него има многу странци. Инаку, постојано слушаме вести од
војната, во која се борат и многу луѓе од нашиот град – кажа тогаш Лена, која го проучувала и македонскиот јазик во рамките на своите факултетски студии по славистика во Лавов и која тогаш кажа оти планира да ја посети Македонија.
Влијанието од Западна Европа забележливо на секој чекор
Влијанието од Западна Европа можеше да се забележи на секој чекор од Лавов, кој е познат како музеј на отворено, поради големиот број културноисториски споменици (кои надлежните служби сега се обидуваат да ги заштитат во случај на напад), но и според вкусното чоколадо и кафе, чиј мирис може да се осети низ улиците. Тоа е изразено преку модерниот стил на облекување на луѓето, луксузните локали и изобилството на продавници со познати брендови од Западна Европа.
Затоа тенденцијата за влез на Украина во Европската Унија и во НАТО не претставува изненадување. На повеќе места е закачено знамето на Европската Унија заедно со украинското, а во близина на центарот на градот се собираат потписи од граѓаните во иницијативата за приклучување на Украина кон НАТО.
– Лавов не чувствува потреба за влез на Украина во Европската Унија, бидејќи ние веќе сметаме дека сме дел од Европа. Полска е блиску до нас, честопати одиме таму во посета на пријатели или роднини и добро сме запознаени со можностите што ги нуди животот во Европската Унија – истакна во 2014 година еден постар господин.