Foreign Minister Abbas Araghchi
Фото: ЕПА

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, изјави дека само иранскиот народ има право да одлучи кој ќе биде следниот врховен лидер на земјата, по смртта на Али Хамнеи.

Во интервју за емисијата „Запознајте го печатот“ (Meet the Press) на „Ен-би-си“, тој нагласи дека странски лидери, вклучително и американскиот претседател, не треба да се мешаат во внатрешните работи на Иран, пренесе „Ал Арабија“.

Арагчи порача дека изборот на нов лидер е исклучиво прашање за иранските институции и народот, а не за странски политичари. Воедно, побара Доналд Трамп да се извини за војната и за последиците што, според него, ги претрпел иранскиот народ.

Смртта на Хамнеи се случи во текот на првите денови од американско-израелските напади врз Иран, кои започнаа на 28 февруари. Трамп во меѓувреме изјави дека САД треба да имаат одредено влијание во процесот на избор на новиот врховен лидер, но ја отфрли можноста негов наследник да стане неговиот син Моџтаба Хамнеи.

Арагчи не откри кој би можел да го наследи Хамнеи, но посочи дека одлуката ќе ја донесе Собранието на експерти на Иран, свештеничко тело задолжено за избор на врховниот лидер. Според иранските државни медиуми, тоа тело веќе гласало и наскоро се очекува да биде објавено името на новиот лидер.

Во интервјуто, иранскиот министер ги бранеше и нападите што Иран ги изврши врз цели во регионот на Персискиот Залив за време на конфликтот. Тој изјави дека тие биле насочени кон американски воени бази и инсталации, бидејќи иранските ракети не можеле да достигнат до територијата на САД.

Арагчи оцени дека нападите биле дел од одбранбени мерки поради, како што рече, американскиот напад врз Иран. Тој додаде дека американските воени бази во регионот биле легитимна цел во контекст на конфликтот.

Од друга страна, Трамп предупреди дека иранските ракети во иднина би можеле да достигнат до САД. Сепак, проценките на американските разузнавачки служби од 2025 година наведуваат дека Техеран во моментов нема меѓуконтинентални балистички ракети и дека развојот на такво оружје би можел да потрае до 2035 година.