Фото: Принтскрин

Покажува протекувањето на доверливите документи

Американските власти и нивните сојузници вчера панично се обидуваа да дознаат како десетици доверливи разузнавачки документи завршија на Интернет, при што останаа изненадени и разлутени поради невообичаениот обем на разоткриени детали за начинот на кој САД ги шпионираат и пријателите и противниците, пишува „Вашингтон пост“ во написот насловен „Разузнавачкото протекување го откри американското шпионирање врз противниците и сојузниците“.

Документите за кои навидум изгледа дека барем делумно потекнуваат од Пентгон и се означени како строго доверливи, нудат информации за војната во Украина, како и за борбената подготвеност на Украинците. Според информации од претставник на американското Министерство за одбрана, поголем број од протечените документи зимоска биле подготвени за генералот Марк Мили и други воени функционери, но биле достапни и за одреден број лица надвор од тој круг. Во документите се вклучени и анализи од американските разузнавачки служби за Русија и за други држави, базирани врз информации од доверливи извори.

Одредени извештаи даваат увид во програмата на Северна Кореја за нуклеарно оружје, вклучувајќи ги и ракетните тестирања. А друг документ покажува дека САД ги шпионираат и сојузниците, откривајќи како јужнокорејскиот совет за безбедност се справувал со американското барање за пружање на артилериска муниција за Украина, без да се провоцира Москва.

Низата документи нудат поглед во внатрешноста на американската шпионажа. Меѓу другите тајни, тие откриваат каде ЦИА регрутирала агенти упатени во разговорите на светските лидери водени зад затворени врати, за прислушување што открило наводен обид на руска платеничка група за купување на оружје од НАТО-сојузник, за сателитските снимки користени од САД за следење на руските трупи, како и за користењето на тајна напредна технологија.

Педесет страници во кои имал увид „Вашингтон пост“ се однесуваат на „секое ќоше на американскиот разузнавачки апарат“, како што пишува американскиот весник.

Фотографии од десетици страници од доверливите документи биле споделени на чет-платформата „Дискорд“ на 28 февруари и на 2 март, од страна на корисник на сервер наречен „Вау Мао“.

Властите во неколку држави се обидуваат да ја проценат штетата од објавите, а водството на Пентагон го ограничило протокот на информации. Се смета и дека одредени сознанија од документите можат да поттикнат дипломатски контроверзи и да се одразат врз соработката на американското разузнавање со сојузниците.