Поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли денеска на прес-конференција објави дека ја прекинува кампањата за претседателска номинација на Републиканската партија, јави ДПА.
-Дојде време да ја суспендирам мојата кампања. Кажав дека сакам да се слушне гласот на Американците. Тоа и го направив. Не се каам. Со голема веројатност, Доналд Трамп ќе биде републиканскиот кандидат. Му честитам и му посакувам се најдобро. Му посакувам добро на секој што би бил претседател на Америка – рече Хејли на прес-конференција во Чарлстон, Јужна Каролина.
Таа им порача на своите поддржувачи да бидат силни и храбри и да не се плашат.
-Не се обесхрабрувајте бидејќи Бог ќе биде со вас каде и да одите – изјави Хејли.
Одлуката за прекин на кампањата значи дека единствениот преостанат кандидат за републиканската претседателска номинација е Доналд Трамп.
На 20-те внатрепартиски избори одржани досега, Хејли победи само во главниот град Вашингтон и Вермонт.