По силното невреме што ги погоди Загреб и делови од Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ апелираше до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните служби и најави помош за санирање на штетите.
-Апелирам до сите да ги следат упатствата. Ќе му помогнеме на Градот во санирањето на штетите, како и секогаш. Има голема штета. За среќа, никој не е повреден, нема жртви. Ви благодарам на сите што помагате во ублажување на штетите – рече Пленковиќ.
Силното и опасно невреме зафати речиси цела Хрватска, со налети на ветер до 120 километри на час, предизвикувајќи значителни материјални штети.
Во Загреб се оштетени бројни објекти и згради, а има и повредени лица, меѓу кои едно потешко, информираше градоначалникот Томислав Томашевиќ. Тој нагласи дека невремето предизвикало сериозни последици и на градските гробишта Мирогој.
Десетици дрвја се искорнати, а поради влажниот снег и силниот ветер, кој и натаму урива дрвја, престојот во планината Медведница и во зелените површини во градот претставува сериозна опасност по животот, предупредија Хрватски шуми.
Во повисоките делови на Медведница има околу половина метар снег, додека на некои места снежните наноси достигнуваат и до еден метар.
Невремето предизвика штети и врз образовната инфраструктура – оштетени се 40 основни и средни училишта, како и 24 градинки. Поради безбедносни причини, наставата беше откажана во Загреб и Загрепската жупанија – соопшти Томашевиќ.
































