Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска најави дека „наскоро ќе одобри план за евакуација на цивилното население од воената зона“.
Нетанјаху во видео-изјава, објавена два дена по телефонскиот разговор со американскиот претседател Џо Бајден, рече дека ја цени поддршката на Бајден и дека тој побарал од него да претстави предлози за хуманитарна помош и други аспекти од војната.
Израелскиот лидер потсети дека веќе е одобрен оперативниот план за офанзивата во Рафа.
– Додека се подготвуваме да влеземе во Рафа, за што ќе биде потребно извесно време, продолжуваме да дејствуваме со сите сили. Продолжуваме да дејствуваме во Кан Јунис, во централните кампови, за да ги елиминираме и заробиме високите функционери на Хамас, како што направивме во болницата Ал Шифа додека елиминиравме стотици терористи – рече Нетанјаху.
– Како што ветив многу пати, решени сме да постигнеме апсолутна победа и ќе ја постигнеме – додаде премиерот на Израел.
Како што пренесуваат израелските медиуми, Нетанјаху не се откажува од копнената офанзива во Рафа, каде што повеќе од половина од двомилионското население на Газа се засолни од конфликтот во други области, а Бајден го предупредува дека мора да ги заштити цивилите.
Израелскиот премиер во вторникот им рече на членовите на израелскиот парламент (Кнесет) дека на американскиот претседател „исклучително јасно“ му објаснил дека е решен да ја „заврши елиминацијата на баталјонот во Рафа и дека не постои друг начин да се направи тоа“.