Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека ќе направи сѐ за да обезбеди слобода на вероисповед на муслиманите на Ридот на храмот за време на Рамазан.
– Израел ќе се обиде да обезбеди слобода на вероисповед за муслиманите во комплексот на џамијата Ал Акса на планината на храмот за време на Рамазан – рече Нетанјаху на почетокот на состанокот на владата посветен на подготовките за муслиманскиот свет месец, што треба да почне или на 10 или 11 март, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Премиерот посочи дека политиката на Израел е да обезбеди слобода на вероисповед за сите религии.
– Ќе направиме сè за да ја обезбедиме слободата на богослужба на Ридот на храмот, а притоа соодветно да ги спроведеме безбедносните мерки и на тој начин да ѝ овозможиме на муслиманската јавност да го прослави празникот – рече Нетанјаху.
На седницата присуствуваа министерот за одбрана Јоав Галант, министерот за надворешни работи Израел Кац, министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, министерот во воениот кабинет Гади Ајзенкот.