Израел стана „најмоќната сила на Блискиот Исток“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху на церемонијата за истакнати вработени во безбедносната агенција Шин Бет. Тој нагласи дека Израел целосно го променил балансот на моќ и одвраќање во регионот, објавува „Тајмс оф Израел“.
На вчерашниот настан одржан во резиденцијата на претседателот Исак Херцог, на кој присуствуваа самиот Херцог и неодамна назначениот шеф на Шин Бет, Давид Зини, Нетанјаху подетално објасни како според него е постигната таа позиција.
– Денеска Израел се смета – и не како претерување – за најсилната сила на Блискиот Исток. Го променивме целиот баланс на одвраќање и моќ. Го постигнавме ова благодарение на непоколебливоста на нашиот народ, нашите војници, нашите команданти, во сите безбедносни гранки и преку правилните одлуки што ги донесовме – рече премиерот.
Нетанјаху посебно ги пофали неодамнешните успеси на Шин Бет во спречувањето на терористички активности, истакнувајќи дека агенцијата успеала да спречи „над 1.200 напади“ и покрај невидените закани.
– Придонесот на службата во спречувањето на над 1.200 напади е незамислив… Стигнавме до ситуација каде што имаме најголем број предупредувања за терористички напади што некогаш сме ги виделе, а најмал број на вистински напади – заклучи премиерот.
































