Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини својот коалициски партнер, израелскиот министер и член на воениот кабинет Бени Ганц, дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас”.
Ганц на прес-конференција вчера рече дека неговата опозициска Партија на национално единство ќе се повлече од коалициската Влада доколку планот за повоено управување со Газа не биде консолидиран и одобрен до 8 јуни, што фрла сомнеж за иднината на израелската Влада.
– Ако Нетанјаху избере да ја одведе нацијата во пропаст, ние ќе се повлечеме од Владата, ќе се свртиме кон народот и ќе формираме влада која може да донесе вистинска победа – рече Ганц.
Кабинетот на израелскиот премиер, одговарајќи на Ганц, соопшти дека барањата на Ганц се „празни зборови“ што ќе значат „крај на војната и пораз на Израел, напуштање на повеќето заложници, оставање на (палестинскиот) Хамас на власт и создавање палестинска држава“, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Израелската војска соопшти дека нејзините сили кои дејствуваат во Појасот Газа го пронашле телото на Рон Бинјамин, кој беше меѓу 252 лица заробени во нападот предводен од Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година, што ја предизвика војната.
Главниот воен портпарол на Израел, контраадмирал Даниел Хагари, изјави дека Бинјамин бил пронајден заедно со тројцата убиени заложници во Појасот Газа, чии тела, како што соопшти израелската војска, се вратени во Израел.
Повикувајќи се на разузнавачки информации, војската соопшти дека сите биле убиени на 7 октомври.
Тројцата заложници, како што изјави Хагари се Шани Лук, Амит Бускила и Јицак Гелерентер. Тој рече дека тројцата биле на музичкиот фестивал Нова и биле убиени од борците на Хамас додека се обидувале да побегнат. Нивните тела потоа биле однесени во Појасот Газа.