Фото: Фејсбук / Бенџамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на земјата е да го ослободи Појасот Газа, а не да го окупира, и дека најдобриот начин да се стави крај на војната е разоружување на милитантната исламистичка група Хамас.

– Хамас се уште има илјадници вооружени терористи во Газа, кои крадат храна и пукаат во цивили. Ниту една нација не може да ја одобри работата на геноцидна терористичка организација – изјави Нетанјаху.

Тој додаде дека војната во Појасот Газа, која трае од октомври 2023 година, би можела да заврши утре ако Хамас се разоружа и ги ослободи сите преостанати заложници.

Нетанјаху наведе пет принципи за завршување на војната, кои вклучуваат предавање, односно разоружување на Хамас, ослободување на сите израелски заложници, безбедносни контроли, демилитаризација на Појасот Газа и воспоставување неизраелска, мирна цивилна администрација.

Според него, цивилната администрација ќе функционира како преодна влада и дека веќе има неколку кандидати за неа, кои не ги именуваше.

– Со оглед на тоа што Хамас не сака да се разоружа, Израел нема друг избор освен да ја заврши работата за негово покорување – рече Нетанјаху, додавајќи дека Ерусалим моментално контролира 75 проценти од територијата на Појасот Газа.

Тој додаде дека кабинетот за безбедност и наредил на израелската армија да ги уништи две  преостанати упоришта на Хамас, во градот Газа и камповите во централниот дел на Појасот.

– Тоа е најдобриот начин да се заврши војната – рече тој.