Тринаесет лица загинаа во иранските напади врз Израел што започнаа во петокот, соопшти денеска кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Меѓу загинатите има и три деца, девет лица се тешко повредени, 30 се со средно тешки повреди, а 341 се здобиле со полесни повреди, се наведува во соопштението.
Нападите следеа по голем израелски удар врз ирански цели започнат во петокот, а земјата и натаму е под аларми поради ирански ракети.
Израелската армија од петокот изведува напади врз Иран со цел да го спречи развојот на нуклеарно оружје. Според соопштенијата, гаѓани биле стотици ирански воени и нуклеарни објекти, по што Иран возврати со балистички ракети и дронови.
Армијата денеска преку социјалната мрежа Икс им се обрати на иранските граѓани, повикувајќи ги да се евакуираат од зони блиску до воени објекти, предупредувајќи дека „нивниот живот е во опасност“. Пораката е објавена на арапски и фарси.