Американскиот Стејт департмент во официјално соопштение објави дека втората по големина американска компанија според приходите од продажба на воена опрема – „Ар-ти-екс корпорејшн“, направила стотици прекршувања на Законот за контрола на извозот на оружје и на прописите од Меѓународната регулатива за трговија со оружје (ИТАР).
Американскиот Стејт департмент ќе ја казни втората по големина американска компанија според приходите од
продажба на воена опрема
Американскиот Стејт департмент објави интересна информација дека компанијата „Рајтеон“ (со новото име: „Ар-ти-екс корпорејшн“ – н.з.) ќе плати казна од 200 милиони долари за неовластен извоз на воена технологија и доверливи информации во Русија, Иран, Кина… и на други места. Во соопштението на американскиот Стејт департмент се вели дека државата кај компанијата регистрирала и ќе санкционира „750 примери на прекршување на Законот за контрола на извозот на оружје и на прописите од Меѓународната регулатива за трговија со оружје (ИТАР)“.
Но, исто така, во соопштението исклучително интересно е дека се нагласува дека веќе „државата направила спогодба со компанијата“, при што компанијата „Ар-ти-екс“ финансиски „ќе ги покрие тие 750 прекршувања на важечките прописи“, при што државата ќе ѝ овозможи на компанијата да насочи половина од казната на „поправни мерки за усогласување за зајакнување на програмата за усогласеност на „Ар-ти-екс“.
Од регистрираните активности на компанијата се забележани и „неовластен извоз на воени предмети, вклучувајќи и заштитени одбранбени предмети“, како и „неовластен извоз на воени предмети од страна на вработените со рачно носење до пропишаните дестинации“. Дестинациите на извоз, според соопштението на Стејт департментот, се во Иран, Либан, Русија и во Кина. Временската рамка, во која се одвивале тие неовластени активности, надлежните ги лоцираат „од август 2017 година до септември 2023 година“. Имено, во тој период компанијата „Ар-ти-екс“ испрати вработени во гореспоменатите странски земји, при што вработените „носеа доверливи и контролирани технички податоци од низа програми за оружје на Пентагон, кои вклучуваат доверливи информации за стелт-борбени авиони Ф-22 и радарски авиони Е-3“.
Според соопштението на Стејт департментот, како конкретен пример за прекршување на правилата за извоз се наведува работењето на компанијата „Роквел Колинс“ (што е дел од конгломератот „Ар-ти-екс“). Тие, според соопштението на Стејт департментот, „користеле кинески доставувачи за да набават печатени табли за жици за некои од најважните авиони во американскиот арсенал како што се „А-10 тандерболт“, „Ф/А-18 хорнет“ и танкер „КЦ-130“, според Стејт департментот“. Поточно, „за да направи електронски компоненти, ’Роквел Колинс‘ испратил американски технички податоци во Кина“. Во тој случај, компанијата не пријавила до Министерството за одбрана дека компонентите доаѓаат од Кина со месеци или во неколку случаи со години.
Стејт департментот минатиот месец за инвеститорите изјави дека веќе издвоил повеќе од една милијарда долари за решавање на голем број владини истраги, вклучувајќи ги и истрагите за прекршување на контролата на извозот.
За издвојување е ставот на Стејт департментот, во завршниот дел на официјалното соопштение, во кој се констатира дека споменатата акција на државата „е во согласност со очекувањата на компанијата, кои ги откривме за време на извештајот за заработка од вториот квартал на компанијата“. Претставниците на компанијата одбија да одговорат на дополнителни прашања за спогодбата. Сепак, казната од 200 милиони долари не е премногу болна за оваа компанија. Во 2023 година компанијата заработила 40 милијарди долари од воена опрема. Според приходите од продажба на воена опрема, таа е трета по големина компанија во светот (по американскиот „Локхид Мартин“). Р.С.