Фото: ЕПА / Илустрација

Соединетите Американски Држави привремено одобрија купување руска нафта што моментално се наоѓа на море, со цел да се стабилизираат глобалните енергетски пазари.

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, во објава на социјалната мрежа „Икс“ соопшти дека станува збор за „тесно прилагодена и краткорочна мерка“ која се однесува исклучиво на нафтата што веќе е во транзит, пренесе „Си-ен-би-си“.

Според инфирмации на „Си-ен-би-си“, околу 124 милиони барели нафта со руско потекло се наоѓаат на море на 30 различни локации ширум светот заклучно со 12 март. Таа количина е доволна за приближно пет до шест дена глобално снабдување.

 – Привременото зголемување на цените на нафтата претставува краткорочно нарушување кое на долг рок ќе донесе значајна корист за нашата нација и економија – изјави Бесент.

Цените на нафтата значително се зголемија од почетокот на конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, при што во понеделникот цената на барел се приближи до 120 долари.

Глобалниот репер Брент во четвртокот заврши со цена од нешто над 100 долари за барел, откако новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, најави дека Ормутскиот теснец ќе остане затворен.

Бесент нагласи дека привремената мерка нема да донесе „значајна финансиска корист“ за руската влада. Според него, Москва најголемиот дел од приходите од енергија ги добива преку даноци што се пресметуваат на местото на екстракција.

Во соопштението објавено на веб-страницата на американското Министерство за финансии се наведува дека дозволата се однесува на руска сурова нафта натоварена на бродови на или пред 00.01 часот по источно американско време, додека купувањата ќе бидат дозволени до 11 април во 00.01 часот.