Шефот на дипломатијата на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека до априлските парламентарни избори во земјата не очекува разврска околу прекинот на испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Според него, доколку актуелната влада во Будимпешта добие нов мандат, Украина ќе биде принудена да постигне договор, бидејќи, како што оцени, Киев побрзо ќе се соочи со недостиг на средства отколку Унгарија со недостиг на нафта. Во меѓувреме, украинскиот министер за енергетика Денис Шмихаљ соопшти дека сè уште не е донесена одлука за продолжување на работата на нафтоводот кон Унгарија и Словачка.
Како што објави МТИ (MTI), Сијарто смета дека нема да има напредок околу прекинот на транспортот сè до изборите, тврдејќи дека Украина со запирањето на испораките се обидува да влијае врз нивниот исход.
Тој посочи дека украинската компанија која управува со нафтоводот повеќепати ја информирала унгарската енергетска компанија „МОЛ Груп“ (MOL Group) дека системот е технички исправен и дека се чека политичка одлука за повторно активирање на транспортот.
– Ситуацијата е јасна. Ако победиме на изборите, што е многу веројатно, и продолжиме да ја водиме земјата, Украинците ќе мора да соработуваат со нас. Нивните пари ќе исчезнат пред нашата нафта – нагласи Сијарто.
Тој дополнително оцени дека војната во Украина прераснала во „бизнис модел“, наведувајќи дека земјата во изминатите четири години добила 193 милијарди евра од Европска Унија, што според него е повеќе отколку што економијата на Украина би можела да создаде во мирнодопски услови.
– Тие живеат од средствата што ги добиваат од ЕУ. Затоа овој заем од 90 милијарди евра е важен за нив, бидејќи им снемуваат пари. Ако стане јасно дека ќе мора да соработуваат со нас во следните четири години, ќе мора да постигнат договор веднаш по изборите – рече Сијарто.
































