Москва и Киев не постигнаа спогодба за продолжување на протокот на гас, кој ќе претрпи поголема штета? Рускиот енергетски гигант „Газпром“ во средата соопшти дека извозот на гас преку Украина во Европа е прекинат во 8 часот по московско време, бидејќи договорот за транзит истекол. Тоа значи дека гасот од руските наоѓалишта повеќе нема да тече во Централна Европа преку гасоводот „Дружба“ по околу 60 години непречено снабдување
По околу 60 години непречено снабдување со природен гас преку цевководот „Дружба“, Централна Европа останува без тој енергент од тој гасовод
Извозот на руски природен гас во Европа, преку цевководи од советската ера што минуваат низ Украина, беше прекинат во раните утрински часови во новата година, откако договорот за транзит истече, а завојуваните Москва и Киев не постигнаа спогодба за продолжување на протокот. Рускиот енергетски гигант „Газпром“ во средата соопшти дека извозот на гас преку Украина во Европа е прекинат во 8 часот по московско време, бидејќи договорот за транзит истекол. Тоа значи дека гасот од руските наоѓалишта повеќе нема да тече во Централна Европа преку гасоводот „Дружба“ по околу 60 години непречено снабдување. Украина сега се соочува со загуба од 800 милиони долари годишно на сметка на транзитни такси од Русија, додека „Газпром“, според енергетските експерти, ќе загуби близу пет милијарди долари од продажбата на гас.
Увозот на ЕУ намален од 40 на 8 отсто
Пред војната, ЕУ увезуваше 40 отсто од вкупните потреби за гас од Русија, но сега уделот падна на осум отсто, со тренд на намалување. Украина во средата соопшти дека транзитот на руски природен гас низ нејзина територија е суспендиран од 7 часот наутро по локално време, наведувајќи ја „националната безбедност“ како причина.
– Го запревме транзитот на руски гас. Ова е историски настан – изјави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
Соопштението на киевското Министерство за енергетика дојде по истекот на петгодишниот договор меѓу „Газпром“ и украински „Нафтогас“.
– Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби. Европа веќе донесе одлука да се откаже од рускиот гас – додаде Галушченко.
Украина беше категорична дека нема да го продолжи договорот. Транзитот на гас преку Украина сочинуваше приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа. Русија сè уште извезува гас преку гасоводот „Турски тек“ во Црно Море. „Турскиот тек“ има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија.
Алтернативни опции?
Пред војната во Украина имаше неколку правци по кои рускиот гас стигнуваше до Европа. Уништениот „Северен тек“ беше гасовод под Балтикот, при што два цевковода минуваат низ Стариот Континент – едниот преку Белорусија („Јамал“), а другиот низ Украина („Дружба“), но и двата се исклучени, а третиот – „Турски тек“, минува низ Црно Море.
Пред повеќе од десет години, идејата за „Јужен тек“ вклучуваше опција што би го направила целиот Балкан зависен исклучиво од рускиот гас, но под притисок од САД дојде до конечно воспоставување терминал за течен природен гас (ЛНГ) на островот Крк, кој ѝ гарантира енергетска стабилност на Хрватска и ја прави важна енергетска точка во регионот.
Рускиот претседател Путин минатиот четврток изјави дека нема време да потпише нов договор за транзит на гас преку Украина и ја обвини таа земја за непродолжување на договорот со кој сè уште се испорачува гас за Словачка, Чешка и за Австрија. Цените на гасот на холандскиот референтен европски пазар растат, а во вторникот надминаа 49 евра за мегават-час. Растот е константен од 16 декември, кога цената беше 40 евра.
Најголеми купувачи на гасот од Русија што пристигнува преку Украина се Словачка, Унгарија и Австрија. Словачка ќе се најде во најтешка ситуација бидејќи нема алтернатива за украинската маршрута, доколку, сепак, сака да се снабдува со руски гас. Унгарија, меѓу другото, може посилно да го активира приемот на руски гас, кој во Србија пристигнува преку гасоводот „Турски тек“, а има обезбедено и складишни капацитети во хрватскиот терминал за ЛНГ на Крк. Австрија во поголема мера ќе се сврти кон испораките од Италија и Германија, а се проценува дека нема да има тешкотии, барем кога се во прашање количествата, да го замени рускиот гас од некои други извори, но големо прашање е по која цена ќе бидат набавките.
Словачкиот премиер Фицо се противи на одлуката на Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо ја осуди одлуката на Киев и како одговор отпатува за Москва за да разговара за транзитот на гас.
– Прифаќањето на едностраната одлука на украинскиот претседател е целосно ирационално и погрешно – му напиша Фицо на Брисел, нагласувајќи го „големото финансиско влијание во комплициран економски период“. Словачкиот премиер се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија што очајнички ѝ е потребно на Украина, бидејќи нејзината сопствена енергетска инфраструктура е оштетена во руско-украинскиот судир. На ова веднаш реагираше Варшава, која понуди зголемување на извозот на електрична енергија во Киев. Чешка, пак, соопшти дека е подготвена да ѝ помогне на Словачка за да се обезбеди стабилно снабдување. Сето ова го поттикна украинскиот претседател Володимир Зеленски да го обвини Фицо дека му помага на Путин да ја „финансира војната и да ја ослабне Украина“.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно презентираше план според кој гасот по влегувањето во гасоводот „Дружба“ нема да биде руски туку сопственост на земјата/фирмата што го купува. Се разгледуваше можноста азербејџанскиот гас да тече на овој начин. Бидејќи во тој случај Русија не би имала никаква корист од договорот, прашање е дали гасот ќе стигне до купувачот бидејќи гасоводот би можел да биде под руски оган. Орбан се надева дека нема да дојде до тоа, ако гасот е унгарски, но цените за осигурување вртоглаво ќе пораснат, што ќе ја направи целата зделка непрофитабилна. Сепак, Унгарија се поврза со „Турски тек“ преку Србија.
Молдавија е една од најтешко погодените земји. Тамошните власти соопштија дека сега ќе мора да воведат мерки за намалување на потрошувачката на гас за една третина и прогласија вонредна состојба од 60 дена. Голем дел од електричната енергија се произведува во електроцентрала со руски гас. Р.С.
ЕУ тврди дека може да се справи со прекинот на проток на руски гас
Европската комисија го минимизира влијанието на прекинот на извозот на руски гас во Европа преку Украина, велејќи дека прекинот бил очекуван и дека Австрија и Словачка претходно објавиле дека се подготвени за промени, а молдавско „Приднестровие“ објави дека ќе го приспособи и ќе го редуцира снабдувањето со топла вода и греење за домаќинствата.
– Европската гасна инфраструктура е доволно флексибилна за снабдување на Централна и Источна Европа со гас од неруско потекло преку алтернативни маршрути. Таа е зајакната со значителни нови капацитети за увоз на ЛНГ од 2022 година – рече портпарол на Европската комисија.
Другите европски купувачи на руски гас преку Украина, како Словачка и Австрија, се договорија за алтернативно снабдување. Австриската влада во средата објави дека земјата е подготвена да го заврши договорот за транзит на гас меѓу Русија и Украина и дека снабдувањето на земјата продолжува од други извори како што се точките за полнење гориво во Германија или Италија и од складиштата.
– Ја завршивме домашната задача и бевме добро подготвени за ова сценарио. Австрија повеќе не зависи од гасот од Русија – рече австриската министерка за енергетика Леоноре Гевеслер во соопштението.
Словачкиот премиер Фицо: Запирањето на транзитот на гас преку Украина силно ќе влијае врз земјите од ЕУ, но не и врз Русија
Запирањето на транзитот на гас преку Украина ќе има драстично влијание врз земјите од Европската Унија, но не и врз Русија, изјави во средата словачкиот премиер Роберто Фицо, кој постојано предупредуваше дека намалувањето на транзитот ќе ја чини Словачка стотици милиони евра изгубени приходи од транзитот и повисоки давачки за увоз на друг гас, како и дека тоа исто така ќе доведе до зголемување на цените на гасот и електричната енергија во Европа.
Главниот увозник на гас во Словачка, СПП, објави дека купувањето гас од неруски извори во 2025 година ќе чини дополнителни 90 милиони евра, главно поради транзитните такси. СПП во соопштението рече дека се подготвила за ситуацијата и дека ќе ги снабдува сите свои клиенти преку алтернативни маршрути, главно преку гасоводи од Германија и Унгарија, но ќе се соочи со дополнителни трошоци за транзитни такси. Словачкиот систем за транзитен гасовод, операторот „Еустрим“, објави дека протокот на природен гас од Украина до Словачка преку гасовод што се користи за транспорт на руски гас во Европа е запрен во средата. Р.С.