Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека не постои можност евентуална американска воена акција против Иран да прерасне во повеќегодишен конфликт на Блискиот Исток. Во интервју за „Вашингтон пост“, Венс посочи дека претседателот Доналд Трамп разгледува различни опции – од ограничени воени напади со цел спречување на Иран да развие нуклеарно оружје, до дипломатско решение. Сепак, нагласи дека САД нема да се впуштат во долготрајна војна во регионот.
-Идејата дека со години ќе бидеме во блискоисточна војна без крај на повидок – нема шанси тоа да се случи- изјави Венс.
Тој се опиша како скептичен кон странските воени интервенции, потсетувајќи на своето искуство од војната во Ирак, но додаде дека Соединетите Држави не смеат однапред да ја исклучат секоја воена опција поради грешките од минатото. Во меѓувреме, разговорите меѓу САД и Иран продолжиле во Женева, но без конкретен договор.
Според „Вашингтон пост“, американското воено присуство во регионот во моментов е меѓу највисоките во последните две децении. Во интервјуто Венс се осврна и на дебатите во рамки на конзервативното движење околу политиката кон Израел, оценувајќи дека отворената расправа е корисна за десницата. Тој го коментираше и разговорот на поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, со американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, оценувајќи го како „добар разговор“, и покрај контроверзиите што го следеа.

































