Иранските медиуми утрово објавија дека нема „голема штета“ откако биле регистрирани експлозии во близина на централниот град Исфахан.
– Извештаите покажуваат дека нема поголема штета или големи експлозии предизвикани од ударот или од каква било воздушна закана – јавија државните медиуми во Техеран.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека нема штета на иранските нуклеарни постројки.
– Продолжуваме да ја следиме ситуацијата и ги повикуваме двете страни на екстремна воздржаност. Нуклеарните објекти никогаш не треба да бидат цел во воени конфликти – се вели во соопштението на МААЕ на „Екс“.
САД добиле однапред известување за пријавениот напад на Израел врз цели во Иран, но не ја поддржале операцијата ниту одиграле каква било улога во нејзиното извршување, цитираат американските медиуми изјави на официјални лица.
„Ен-би-си“ и „Си-ен-ен“, цитирајќи извори запознати со тоа прашање и американски официјален претставник, соодветно, рекоа дека Израел му дал на Вашингтон претходно известување за напади.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера разговараше со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти Пентагон.
Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави „Си-ен-ен“.
Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за „Си-ен-ен“ изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран.